„За жал, расправата за Гоце Делчев во јавноста навистина доби една драматична димензија, што, всушност, секогаш се случува кога се отвораат вакви чувствителни прашања. Одеднаш сите стануваат бранители на националните интереси препознаени според сопствените убедувања и, се разбира, емоциите и тензиите се креваат на највисоко ниво. Тоа само покажува колку и двете општества не се подготвени смирено и без емоции да разговараат за овие прашања и да се сослушаат меѓу себе. Убеденоста дека вистината е само на едната страна го прави дијалогот речиси невозможен“, вели професорот Драги Ѓоргиев, историчар и претседател на македонскиот тим во Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во интервју за „Дојче веле“.

„Но, морам, исто така, да кажам дека ваквата расправа не е толку резултат на работата на Комисијата, колку што е резултат на политички изјави, пред сѐ од бугарска страна.

И тие изјави, сѐ почесто навредливи, за една и единствена вистина, продолжуваат и натаму, и ја држат тензијата во јавноста“ вели Ѓорѓиев според кој тие изјави ја покажуваат и својата контрапродуктивност, нанесувајќи им огромна штета на меѓусебните односи.

„Кога историјата се става во функција на политиката и станува дневнополитичка тема на вечните самопрогласени бранители на националните каузи на двете страни, не може да се очекува нивото на дискусијата во јавноста да биде поинакво. Сепак, Комисијата за ова прашање работи во многу попристојна атмосфера, врз база на подготвени текстови и врз база на аргументи и факти“, вели професор Ѓорѓиев.