Ѓорѓиев: Ќе се договориме за Делчев, но без притисоци

„Неприфаќањето на нашиот предлог 7 октомври да биде датум за заедничко чествување на ликот и делото на Гоце Делчев е само една фаза од преговорите меѓу двете комисии. Аргументите од бугарска страна се повеќе политизирани – смета академик Драги Ѓорѓиев, кој го предводи македонскиот тим во заедничката Македонско-бугарска комисија за историјата..

Тој за Слободен печат вели дека причина за тоа е што во Бугарија повоениот период кога доброволно беа предадени посмртните останки  на Гоце Делчев на Македонија, се смета за комунистички, режимски и „предавнички“ на бугарските национални интереси.

„Разговорите за чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев не се прекинати, напротив продолжија. Ние повеќе треба да се концентрираме на тоа зошто денес е важен Гоце Делчев за нас и за нив. Зошто ние го славиме, зошто тие го слават, и да најдеме решение. Секое наметнување на исклучив став од која било страна и чувство на триумф на едниот над другиот, дека едниот го победил другиот, е апсолутно деструктивно за работата на комисиите“,вели за „Слободен печат“, академик Ѓорѓиев.