Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) втор пат едноподруго го прогласи македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев за играч на денот во групата Ц на 31. Европско првенство.

Најдобриот македонски одбојкар признанието го заслужи со 24. поени во триумфот над домаќинот Словенија од 3:1.

„Горди на својата земја и правејќи ја горда, Ѓорѓиев и неговиот тим создаваат историја во Љубљана“, стои под легендата од фотографијата на Ѓорѓиев со македонското знаме на вебстраницата на ЦЕВ за шампионатот.

Играчот на германски Фридрихсхафен беше избран од ЦЕВ за играч на денот и во понеделникот, кога Македонија ја совлада Белорусија со 3:1, забележувајќи ја својата прва победа во дебитантскиот настап на ЕП, за што тој придонесе со 37 поени.