„Гоце е идентитетот“ – главна порака од протестот на опозицијата

Илјадници граѓани со македонски обележја и знамиња на Европската унија, со транспаренти, а многу од нив и со маички со ликот на Гоце Делчев, продефилираа низ центарот на Скопје, порачувајќи дека апостолот на македонската револуционерна борба е сржта на идентитетот на Македонците.

„Од сѐ срце огромна благодарност до сиот народ што излезе вечерва, но и до оние коишто останаа во домовите, а со срцата и мислите се со нас. Нѐ има сѐ повеќе и ќе бидеме сѐ посилни, вечерва за Делчев. А Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет. Тој е Македонија и столбот на нашето постоење како народ“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на маршот под мотото „Гоце е Македонија“.

„Гоце Делчев е нашиот последен бастион, Делчев е нашата тврдина, Делчев е нашиот Мечкин камен и нема да отстапиме ниту педа, ниту милиметар од Делчев!“, додаде тој.

Протестот со пораката „За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев“ беше свикан и организиран од најголемата опозициска партија заради поддршка на македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија за образовни и историски прашање.

SHARE