Годишнина од смртта на великанот и патриот (ВИДЕО)

Денеска се навршуваат 33 години од смртта на Ристо Шишков, великан на македонското глумиште и човек кој заради своите идеи за Македонија одлежа затвор во комунистичка Југославија.

Ристо Шишков е роден во 1940 година, во селото Мрсна,  (Егејска Македонија), во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува. Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма  ( Македонска крвава свадба, Републиката во пламен, Црно Семе, Истрел, Јад, Најдолгиот пат, Црвениот коњ, Нели ти реков и др.) а во дванаесеттиот, “Води”, неговата ролја е преснимена, пет телевизиски драми и три телевизиски серии.

Во 1979 е обвинет за навреда на српски и хрватски артисти,  како и на Тито, и во монтиран судски процес е осуден и на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По боледување,  умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.

Прерано замина од драмската сцена, филмот. Зад себе остави брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња – Ристо Шишков.

Ова е единствената песна која ја напишал Ристо Шишков, која ја отсликува неговата трагична судбина. Заслужува да ја прочитате…

Земи ги…….очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја……..устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го……….шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три ламји со три аждаи
со варварите, татарите и србоманите
што ми грабнаа убава девојка,
ја грабнаа и оковаа со три синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет години.
Дај ми ја……….сабјата
сабјата дипленица

да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги……..очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја……..устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо планина.

Превземено од: Volino.mk

SHARE