Господа, се гледаме во Софија!

Моето прифаќање на македонската идеологија не е случајно. Македонизмот, македонштината и македонољубието никогаш немале екстремна форма и отсекогаш ги негувале и штителе македонските особености – идентитетот, јазикот, културата и историјата на Македонецот, пишува во својата колумна за Нова Македонија новинарот Далибор Станковиќ кој од свој аспект го објаснува тоа што во Бугарија со погреба конотација се опишува како “Македонизам”: Македонскиот национализам никогаш не се наметнувал, а негова одлика не е омразата кон туѓото и поинаквото. Не случајно во неговата суштината лежат слободарството и демократичноста, принципи што се во кодот на македонскиот народ.

Дел од колумната во продолжение:

Бугарија историски секогаш предизвикувала раздор, кавга, немир и неслога помеѓу Македонците. Во периодот кога создадовме држава во вистинска смисла на зборот, влијанието на бугарската тајна служба и нејзините клонови беше ограничено. Меѓутоа, по распадот на југословенската федерација, бугарските агенти повторно започнаа да „роварат“ во Македонија. За волја на вистината, бугарската служба успеа да спечали неколку Македонци за бугарската кауза, кои подоцна имаа, а некои и сѐ уште имаат важна улога во македонскиот политичко-општествен живот.
Овие бугарски „игри“ се многу едноставни. За оние што не се запознаени, разговорот помеѓу „ловецот“ и „пленот“ најчесто се води во кафеана и во пријатна атмосфера. Пред неколку години имав интересна средба со еден господин познат по своите бугарофилски ставови. Оваа личност со својата харизма и интелигенција успеа да врбува неколку Македонци и поради некоја причина следен негов „плен“ бев јас.
„Добар ден, многу си ми симпатичен, мора да пиеме во кафеана“, ми рече. Понудата ја прифатив бидејќи контроверзните личности отсекогаш ми биле слаба точка. Посетивме неколку кафеани, една, две, три и сѐ така до бесконечност. Мојот соговорник постојано се навраќаше на темите Македонија, Македонци, историја, македонски Бугари, идентификација, кауза, јазик итн. Постојано повторуваше дека Гоце Делчев е Бугарин! Македонските револуционери имаат бугарска национална свест!

Македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната и Тито! Ванчо Михајлов! Ванчо Михајлов! Ванчо Михајлов! Швајцарија на Балканот! Имам литература, да ја прочиташ, да ја осознаеш вистината! Се изнаслушав бугарска „класика“, која постојано се вртеше како стара грамофонска плоча.
По неколку часа разговори, требаше да се разделиме со господинот, притоа во ниту еден момент во текот на дискусиите немав забелешка ниту контрааргумент за неговите тези. Мирно и трпеливо ги ислушав неговите ставови. Никогаш не сум влегувал во отворен и личен конфликт поради македонската нација, затоа што секогаш сум се водел од принципот – нема потреба да се брани нешто што е реално и суштествува. Тука е! На очиглед на секого! Барем така мислев.
Но дојде времето кога требаше да го дадам мојот одговор. „Јас сум Србин!“, му велам. По овој одговор, на неговото лице забележав збунетост. Настапи тишина, која траеше околу петнаесет минути. Не знам какви мисли му се вртеа во главата, најверојатно дека му го потрошив драгоценото време. По долгата „Бекетова пауза“, ми вели: „Во ред, сепак треба повторно да се видиме, да дојдеш, да ти дадам литература!“ „Да, секако“, му одговорив. И така се разделивме со харизматичниот господин. Секој си тргна по својот пат. Со оваа личност повторно се сретнав неколку години подоцна, во текот на чествувањето на Јане Сандански во Роженскиот манастир. Меѓутоа не дискутиравме, бидејќи бевме на спротивните страни.

Моето прифаќање на македонската идеологија не е случајно. Македонизмот, македонштината и македонољубието никогаш немале екстремна форма и отсекогаш ги негувале и штителе македонските особености – идентитетот, јазикот, културата и историјата на Македонецот. Македонскиот национализам никогаш не се наметнувал, а негова одлика не е омразата кон туѓото и поинаквото. Не случајно во неговата суштината лежат слободарството и демократичноста, принципи што се во кодот на македонскиот народ.

Целата колумна на овој ЛИНК