Готови се! – Пишува Роберт Димитриевски

Совршено им е јасно дека деновите им се изброени. Гротеската со Катица и со Бокица како љубители на тенисот само уште повеќе ги доближи до амбисот кон кој одамна кинисаа со вртоглава брзина. Од моментот кога ја силуваа народната волја минатиот октомври за нив веќе нема иднина на македонската политичка сцена. И пред тоа, но посебно оттогаш наваму ред се редат афери, скандали, валканици ем повраќаници од кои еден по еден паѓаат и ќе паѓаат перјаниците на лажната „проевропска“ авангарда од мрачната балканска касаба во која ја претворија Македонија.

Каква иронија на судбината. „Жабите“ од овдешниот еквивалент на мочуриштето за кое зборуваше Трамп кога влегуваше во Белата куќа, кои на цел глас крекаа „Нема правда, нема мир“ додека ги шлакаа државните објекти и спомениците, ги стигнува раката на истата таа правда. Разликата е само во интензитетот на смрдеата од фекалиите што се излеаја од пукањето на балонот од ветувања што го дуеја божемните правдољупци додека фрлаа презервативи со боја.

Џабе му е сега метлата на Зоќи Датумо. По сè што помина овој народ во последниве две години гневот нема да му го намали сечата на глави од третиот ешалон на власта па надолу. Напротив. Што и да направат отсега тој и неговите соработници нема да го смени текот на историјата и нивното неминовно завршување на нејзиното буниште, бидејќи веќе се тотално разобличени. Царот е гол и тоа е видливо и во најоддалечените катчиња на Македонија, а го гледаат бога ми и тие што го инсталираа, а почнаа да му вртат грб откако им ја одработи валканата задача со промената на името. Гласиштата по медиумите дека пријателска земја застанала зад актуелното одмотување на рекетарското клопче во вечната кандидатка за Европска унија само го потврдува сознанието дека тој и свитата околу него веќе немаат потпора однадвор. А тоа на периферијата на стариот континент отсекогаш непогрешливо навестувало скорешно збогување со власта.

Но, се лажат тие што мислат дека гнилата круша сама ќе падне од дрвото. Некој треба и да ја поттурне. Со сувопарни прес-конференции и со здодевни соопштенија за јавноста не се одделил никој од теглата со мед, особено не фатен со прстите во него. Колку и да покажаа претседателските избори дека незадоволството е огромно, посебно кај Македонците како најмногу засегнати од обезличувањето на државата и од посегнувањето по нивниот идентитет, Мурто нема туку така да се симне од коњот за да се качи некој друг. За тоа е потребен постојан притисок, зголемена присутност на теренот и во медиумите, создавање сојузништва и таму каде што во моментов се чини невозможно, навремено селектирање и привлекување кадри што на своите плеќи ќе ја изнесат транзицијата на власта.

Точно, прашање е само на време кога поразените на последните парламентарни избори ќе загубат и на следните, кога и да ги закажат, но тој што мисли да ги наследи мора уште отсега да склучи пакт со народот, посебно со македонскиот. Дека деноноќно и искрено, а не само декларативно, ќе работи, прво, за ублажување, а потоа и за надминување на катастрофалните последици од долгата низа антидржавни и антинационални потези на власта во заминување. Дека ќе постави способни, а не (само) заслужни лица, на вистински места и нема да се мисли да ги тргне веднаш ако почнат да солираат и да застрануваат од зацртаниот курс. Дека ќе ги раздвои политиката и економијата од сегашната политичка економија, во која економските законитости важат само во учебниците. Дека ќе вложи напори Македонија конечно да стане пристојно место за живеење.

П.С. Кољо, оној, де, „за по надвор“, залудно мудрува на Твитер дека „ќе нè биде“. Нас можеби и ќе нè биде, ама вас „вала јо“. Готови сте. Дотука (ви) било.

SHARE