Градскиот шут – Пишува Роберт Димитриевски

Секој град си има градски татко, само „столицата“ ја имаше таа (не)среќа да добие градски – шут. И тоа не каков било. Овој има додадена вредност во однос на забавувачите на средновековните монарси и дворјани. Македонскиот народен гениј таквите како него ги дефинираат како „ем шут(о), ем боде“.

„Пливај мали!!! Ауууу, Маџарска нема море…“, е најновиот бисер на човечулево со нескротлив мерак да биде духовито, а никако да му појде од рака. Како самоумислена интелектуална и морална вертикала, нема што тој да се заморува за евентуално со аргументи да им контрира на наводите во ферманот од Будимпешта. Доволно е, уверен е тој, да го глуми некогашниот си партиски шеф со ореолот на урбан мангуп, познат по „доскочици“ од типот „ќе ги згазиме како шлепер жаба“.

Арно ама, како што ниедна имитација никогаш нема да биде верна на оригиналот, така и на градскиов очув за неистомислениците, а ништо подобар ни за останатите, да не знае човек дали да му се смее или да го жали. Башка, со неуспешниот обид да испадне фраер, несвесно си даде автогол. Оти, ова „Маџарска“ не ќе да е во духот на политиката на сегашниот му лидер за зближување со источниот сосед, кој, како и ние, за земјана без море вели Унгарија. Се откорна Зоќи Датумо да ги убедува Бојкота, Краси и тамошната Шекеринка дека сме „с’штите хора“ и како такви многу ги „обичаме“, а неговиов близок соработник со изразиве уште да ти влечел накај – Белград. Па после Џамбаски ќе им биде виновен кога ќе се дообјаснуваат и извинуваат.

Со парафразата на „шетај мали“, дворскиов, пардон, градскиов шут само го зацврсти уверувањето дека, можеби го преспа половина мандат, ама не му недостигаат „брилијантни“ идеи, мисли и постапки. Почнувајќи од ваучерот за такси за пијаници и скопјани до центар да доаѓаат со воз, преку фалбите за бојадисаната ограда на клучката кај „Континентал“ и поставените 7,4 столпчиња дневно во првите сто дена на функцијата, па до играњето на мобилен телефон на собраниска дебата за аерозагадувањето и антологиската изјава: „Состојбата со гасоводот ја начекавме како несакана бременост во поодмината фаза, во која абортусот е критичен за животот на мајката и детето“!

Шта реќи, а не заплакати. Ово нема ни у Београду. Во Маџарска па ич…

SHARE