Граматиката ја санкционирала објективната јазична ситуација – пишува Јованка Кепеска

Со оглед на познавањата на историските белези на јазикот на македонскиот народ, како што вели, на јазикот на Кирил и Методија и на Климент и Наум, како и со оглед на продлабоченото трагање за сопствената историја, литература, мисловните и јазичните корени, проф. Круме Кепески покажува дека македонскиот јазик е посебен јазик и во фонетска, и во синтаксичка и во лексичка смисла. Тврдењата ги засновува врз историската лингвистика, македонската културна историја, практицирањето на етно лингвистиката и јасно врз познавањето на живиот јазик и на јазикот во писмената форма.

Оттаму и ставовите изнесени пред широката јавност од проф. Круме Кепески за тоа дека „би било погрешно и злонамерно да се тврди дека еден јазик би можел да биде создаден затоа што тоа некој го барал од поинакви мотиви “, се мошне релевантни.

Токму Македонската граматика ја покажува посебната структура на јазикот што постои од формирањето на македонскиот народ и кој се развивал како потврда за македонската самобитност. Покрај тоа што усовршувањето на нормата и на научната елаборација на македонскиот јазик трае.
И, консеквентно, како автор на првата Македонска граматика, тој ќе рече дека Граматиката само ја санкционирала објективната јазична ситуација и култура што ја создаваа Македонците.

Инаку, познато е, (според Хегел, во „Филозофијата на историјата“), дека јазиците што народите ги говореле во своите неразвиени состојби, во еден историски процес, со исцрпно мислечко развивање, со разумот, се искачуваат на теориско ниво. Хегел ќе каже дека и граматиката е резултат на стекнувањето на категориите во мислењето, а што ја претставува вистинската духовност.

Оттаму, како и улогата на секоја граматика, и улогата на Македонската граматика, чиј автор е тој, е да изврши апстракција на постоечка состојба на народниот јазик како би прераснал во литературен.

И иако оваа Граматика е тесно поврзана со Асномската одлука при создавањето на македонската држава и за „заведувањето“, како што е речено, на македонскиот јазик за службен, останува фактот дека одлуката ги изразува стремежите и потребите на претходниците од многувековениот опстој на македонскиот народ и на македонскиот јазик.

Затоа и авторот на првата Македонска граматика, проф. Круме Кепески, консеквентно, ќе рече нешто што е актуелно за денешната реалност на нашиот јазик и нашиот народ. Како нешто што е во моментов присутно во многуслојната дебата околу негирањето на нашиот јазик.

Ќе истакнам еден став околу посебноста односно за особеностите на македонскиот јазик. Најдов картичка на која проф. Круме Кепески ја испишал, собрано, така да кажам, разликата меѓу македонскиот јазик и другите славјански јазици, особено српскиот, словенечкиот и рускиот во областа на морфологијата, за која вели дека е многу голема.

Затоа што, вели, именската флексија во македонскиот јазик (како и во бугарскиот) силно се упростила. Од некогашните падежи денеска во македонскиот јазик најдуваме само остатоци. Напротив, во српскиот, словенечкиот и рускиот флексијата се запазила претрпувајќи само мали, частични промени кои се јавуваат најчесто како резултати на аналогија.
Од сите најконзервативен по однос на формите е словенечкиот кој има цела именска промена како во старословенскиот јазик. Ново кај него што го изједначил со номинатив слично како во рускиот јазик. Тој чува и двоина како и јазикот на лужичките Срби.

Објаснување: Ја средувам писмената заоставштина на мојот татко, проф. Круме Кепески. Таа е огромна, како во библиотечниот фонд на најретките оригинални книги од последните два века кои се однесуваат на лингвистиката (на пример на анализите на одделните македонски дијалекти), така и на методиката, на македонското културно творештво (на пример, оригиналното издание на Зборникот на браќата Миладиновци), од издаваштвото (на пример книги печатени од печатницата на Теодосиј Синаитски), на богата презентација на класичните дела во уметничката литература и, над сé, оригинални ракописи на неговите објавени или необјавени дела, на цртички, на инсерти и други авторски трудови.

Огромна ризница на документи и факти за неговиот пат во лингвистиката. Тука се и многуте прирачници какви што се разноврсните речници, правописи на различни јазици, истории на народите, книги за филозофските аспекти на односот народ – јазик.

Јованка Кепеска

SHARE