Грчева: Македонија не е сопственост на Заев

Партијата Глас за Македонија бара од премиерот Зоран Заев веднаш да назначи министер за финансии откако тој вчера најави дека ресорот што досега беше под надлежност на Драган Тевдовски сега ќе биде во негови раце:

 ,,Ако го нема меѓу неговите партиски војници или блиски другарчиња, нека се охрабри и нека постави независен, квалификуван стручњак од областа на финансиите. Да не помисли да ја концентрира власта во своите раце. Македонија не е негова сопственост, ниту на неговата фамилија, ниту на неговите другари”, се наведува во соопштението на претседателката на партијата, Солза Грчева.

„Тој под свое владеење сега ќе го има и буџетот за да го распродава на блиските и на оние кои ќе бидат со доволно свиткан рбет, за да му доаѓаат на баци-рака. А такви ќе има многу во нашата сиромашна и запустена држава. Исто така, ГЛАС за Македонија се сомнева дека дел од парите од буџетот, ќе бидат злоупотребени на претстојните парламентарни избори за поткуп на гласачи. Откога виде дека во залог за името и достоинството на Македонецот, доби студен туш од ЕУ, Заев пронаоѓа лукративни начини за да остане ултимативен господар на нашите животи“ вели Грчева и продолжува:

„Дојде животот за семејството Заеви! Истиот Заев, пред тоа се себеназначи за претседател на Советот за судски реформи со што се обиде и официјално да стави рака врз судската власт. Метлата која божем го мете неговиот испоганет двор, треба да започне од него. Не смееме да тонеме секој ден подлабоко, во секој поглед и никако не, во самовластие и диктатура”.

SHARE