Грчки свештеници против автокефалност за МПЦ-ОА: Во Скопје не постои „Македонска црква“

Грчките црковни кругови не останаа рамнодушни на барањата од највисоките државни функционери од Македонија до вселенскиот патријарх Вартоломеј за давање томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а во реакциите преовладува спротивставувањето на таков чин.

„Бидејќи ние соседната земја не ја признаваме како ‘Северна Македонија’, како можете да очекувате да признаеме македонска автокефалност? Во Скопје не постои ‘Македонска црква’. По мое лично мислење, патријархот Вартоломеј не би требало да им признае автокефалност“, најрадикален во ставовите е митрополитот лерински и преспански Теоклит од Грчката православна црква.

„Сè е апсолутно јасно. Ова прашање очигледно е во надлежност на Српската православна црква. Ако вселенскиот патријарх тргне по патот на признавање на автокефалноста, тогаш ќе излезе надвор од овластувањата, како во случајот со Украина. Таквите потези на црквата ѝ создаваат само проблеми“, категоричен е и Димитрис Целегидис, професор на Богословскиот факултет на Универзитетот „Аристотел“ од Солун.

Неговиот колега, професорот по теологија на истиот факултет и презвитер Теодорос Зисис, пак, смета дека „Вартоломеј се обидува да издејствува поддршка од мнозинството во црковниот свет создавајќи свои цркви и на тој начин настојува да ги ослаби и српската, и руската црква“.

SHARE