Грчките бизнисмени загрижени за нивните „македонски“ производи

Стопанствениците од Северна Грција се загрижени што ќе следува следниот ден по стапувањето во сила на  Преспанскиот договор и каква ќе биде „судбината на трговските имиња на македонските производи“, пишува “Та Неа“.

Постои конфузија, бидејќи има многу кои веруваат дека заштитата е автоматски процес кој ќе се постигне и затоа не треба да се стори ништо за обезбедување на трговски имиња на нивните производи и компании, и на европско и на меѓународно ниво. Други очекуваат да видат што ќе направи владата.

Но претставниците на деловните оператори алармираат и ги охрабруваат оние бизниси кои се занимаваат со извозна активност директно да ги заштитат трговските имиња на нивните производи кои го вклучуваат терминот „Македонија“ или негови изведеници.

Бизнисмените бараат да нема промена во имињата на грчките производи кои го вклучуваат терминот “Македонија” и бараат од владата да го брани ова право на грчките бизниси.

Според студијата на Стопанската комора во Солун, пишува „Та Неа“ , 182 претпријатија од сите гранки, 39 претпријатија од агро-прехранбениот сектор и 4.000 производи, се појавуваат на меѓународните пазари со трговска марка што го вклучува терминот “Македонија” или дериват од тоа име.

 Сепак, досега, само 24 компании ги регистрирале своите брендови на европско ниво, од кои 8 од јуни минатата година, а само 2 на меѓународно ниво.

„Она на што можеби ќе треба да посветиме посебно внимание е нашите соседи да не се обидат  да ги асимилираат активните брендови што ги имаат бизнисите а се поврзани со името Македонија“ вели Константинос Михалос, претседател на Централната унија  на коморите на Грција. Тој вели дека ги охрабруваат бизнисите чии трговски марки вклучуваат збор „Македонија“ и изведеници да побрзаат да ги заштита своите брендови и имиња.

„Та Неа“ пишува дека во следниот период ќе биде формиран Специјален комитет на експерти од двете земји, кој во рок од  три години ќе го решава ова прашање, но до денес, според претставници на грчките претприемачи, не било побарано да дадат свое мислење.

SHARE

1 Коментар

Comments are closed.