Грција и Албанија ќе склопат мир по 78 години војна!

Грција и Албанија конечно го усогласија текстот на договорот за решавање на нивните билатерални разлики.

Со договорот Атина и Тирана ќе го укинат статусот на војна што сé уште е во сила од Втората светска војна.

Албанија и Грција пректично се во техничката воена состојба откако Атина донесе закон за прогласување воена состојба меѓу двете држави кога италијанските окупациони сили во Албанија ја нападнаа Грција во октомври 1940 година.

Двете земји се договорија за укинување на техничката воена уште во 2016 година, но грчкиот парламент допрва треба да го укине законот од 1941, иако двете земји потпишаа договор за пријателство на почетокот од 1990-тите.

Договорот, меѓу другото, се однесува на обезбедување права на етничките Грци во Албанија, но и за проширување на грчките територијални води во Јонското Море чие дно е богато со залихи на гас.

Грчката влада инаку категорично негираше дека прашањето на Чамите било вклучено во разговорите.

Чамите, Албанци кои биле протерани по Втората светска војна, веруваат дека имаат право на имотот што го оставиле во Грција.

„Инвестиравме за да се создадат стратешки долгорочни односи со Грција. Тоа не беше толку лесно бидејќи во текот на преговорите имаше големи тензии, но не поради тоа што сакавме да ги расипеме односите со Грција, туку да ги поправиме сите односи што беа создадени по промената на системот за на крајот сè да излезе на добар пат“, нагласи Рама оценувајќи го скорешното постигнување договор со Атина.

Потпишувањето на договорот од страна на премиерите на Албанија и Грција е предвидено за време на одржувањето на самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни .