Владите и носителите на јавни функции треба да бидат примерни во почитувањето на мерките за спречување на корупцијата и стандардите за транспарентност, вели антикорупциското тело на Советот на Европа – ГРЕКО, во својот годишен извештај објавен денеска.

Како што јави дописникот на МИА, во извештајот се разгледуваат мерките преземени во 2019 година во земјите членки на Советот на Европа, за да се спречи корупцијата меѓу пратениците, судиите и обвинителите, како и во централните власти, пред се на носителите на високи извршни функции, и во репресивните органи.

Претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела претставувајќи го извештајот на онлајн прес-конференцијата, изрази загриженост за зголемениот број обвинувања во последните години за корупција во многу земји и тоа меѓу вршителите на јавни функции.

Ниту една личност, ниту една држава или институција не е имуна на корупцијата. Политичките личности, каква и да е нивната припадност, треба да владеат со пример и да бидат примерни, тоа е исклучивоста што се очекува од нив. Политичарите треба да му служат на народот, а не да го управуваат – рече тој.

На крајот на 2019 година, 15 земји беа посочени дека целосно не го почитувале четвртиот циклус на ГРЕКО, меѓу кои е и Македонија, заедно со Ерменија, Австрија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Луксембург, Монако, Полска, Португалија, Романија и Турција. Белорусија е единствената земја што не се придржувала до првите два заеднички циклуси и третата рунда.

Во однос на Македонија, каде е оценето дека реформите се подзапрени поради политичките кризи и распуштањето на собранието пред најавените парламентарни избори, претседателот на ГРЕКО, Мрчела, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА нагласи дека откако ќе се одржат изборите и ќе биде конституиран новиот Парламент, треба да се премине на исполнување на препораките.

И уште еднаш повторувам – ова не е за пратениците, ова е за народот, за граѓаните. Меѓусебните обвинувања на политичките партии и политичарите, не се доволни, без притоа да има конкретни резултати од реформите во Македонија. Потребни се конкретни резултати, работа и акции – изјави Мрчела.

Според графиконот на ГРЕКО за Македонија, 32 отсто од препораките се спроведени, 48 отсто се делумно спроведени, 20 отсто не се спроведени.

По категории, целосно се спроведени само 14,3 отсто од препораките што се однесуваат за пратениците, 42,9 проценти се делумно спроведени, а 42,9 отсто не се спроведени. Кај судиите целосно се спроведени 50 отсто од препораките, 41,7 проценти делумно, а 8,3 отсто не се спроведени, додека кај обвинителите 16,7 проценти од препораките се целосно спроведени, 66,7 делумно и 16,7 отсто не се спроведени.

Во 2019 година, истовремено со својата 20-годишнина, ГРЕКО одлучи да започне нова советодавна функција која ќе овозможи да се обезбеди помош по барање на државите членки и телата на Советот на Европа преку експертски извештаи.

SHARE