Грчката новинска агенција и онлајн портал „Грик рипортер“ во авторски коментар го оценува најновото извисување на Македонија за старт на преговори со Европска унија како „индиректна дипломатска победа на Атина“.

„Неодамнешната објава за оставка од премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и неговото ветување за одржување предвремени избори, отворија прашања за судбината на Договорот од Преспа.

Минатогодишниот компромис меѓу Атина и Скопје, кој доведе до официјална промена на името на последниот, може да биде под закана ако десничарската опозициска партија ВМРО победи на следните парламентарни избори во Северна Македонија.

Грчки дипломатски извори велат дека Атина има цврста позиција да не се меша во внатрешните работи на другите земји.

Сепак, јасно е дека политичката неизвесност во Северна Македонија може да предизвика загриженост дали балканската нација би ја почитувала својата посветеност кон Преспанскиот договор или не.

Владата на Кирјакос Мицотакис во Грција, позната по силното спротивставување на Договорот од Преспа во 2018 година, сега се повлече од својата опозиција велејќи дека сака да види целосна имплементација. „Тоа е лош договор, но не можеме да го промениме“.

Така, Грција ги поддржува аспирациите за ЕУ на Северна Македонија, под услов Скопје целосно да го почитува Договорот.

Поради оваа причина, фактот дека ЕУ не отвори преговори за пристапување на Северна Македонија многумина го сметаат за индиректна дипломатска победа за Атина.

Ставот на Франција, Данска и Холандија за време на последниот Совет на ЕУ ѝ помогна на Атина, бидејќи Грција не мора да ја игра улогата на ‘лошо момче’, кое им се спротивставува на европските аспирации на Тирана и на Скопје, бидејќи Париз, Копенхаген и Хаг го направија тоа за неа.

Грција сега може да му претстави лице на светот дека не е таа што ја спречува Северна Македонија да влезе во ЕУ поради нејзините билатерални несогласувања, туку самата ЕУ.

Сега останува да се види каква насока наскоро ќе преземе соседот на Грција и дали Договорот од Преспа ќе остане на сила, како што сакаат сегашните администрации во обете држави“, коментира „Грик рипортер“.

SHARE