Гробот на Делчев не е во Скопје, коските му се фрлени по патот од Софија, тврди Џамбаски! (ВИДЕО)

Од серијата шокантни искази на европратеникот Ангел Џамбаски од Бугарија во видеоконференцијата на неговиот профил на Фејсбук се издвојува „епохалното“ откритие за гробот на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

„Гробот на Гоце Делчев никогаш не бил во Скопје. Тој е во село Баница, близу Сер, каде што е убиен во 1903 година. Таму е погребан. Потоа дел од коските му се извадени и се пренесени во Бугарија, само рацете и главата. И потоа кога доаѓаат смрдените комунисти, комуњарите, Југословените, Бугарската комунистичка партија, предавниците комунисти, ги предаваат главата и рацете на Гоце Делчев на српските/југословенските комунисти. Во Скопје имате само една камена вазна, а што има во таа камена вазна никој не знае. Колку што знам, таму нема ништо. Колку што знам, коските на Гоце Делчев што ги зеле југословенските комунисти од Софија се фрлени по патот натаму! Така што, гробот на Гоце Делчев не е во Скопје, никогаш и не бил, туку во село Баница, каде што е убиен. Читајте малку“, порача потпретседателот на софиската ВМРО на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Наспроти тврдењето на Џамбаски (на видеото околу 56. минута) стои историскиот факт дека на 7 октомври 1946 година, со голема свеченост и со највисоки почести, од Софија биле испратени посмртните останки на кукушкиот војвода во Скопје, со што е исполнет неговиот аманет да почива во главниот град на слободна Македонија. Минувајќи низ Пиринска Македонија и низ повеќе градови на тогашна Народна Република Македонија, останките на Делчев со највисоки државни и воени почести биле пречекани во Скопје и положени во камен саркофаг во црквата „Св. Спас“.

SHARE