Груевски потсетува: Made in Macedonia. За наше добро! Купувајте домашни производи! (ВИДЕО)

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски потсетува на кампањата „Купувајте домашни производи“, покрената кога тој беше министер за трговија во 1999 година, реактуелизирајќи ја во време на пандемијата од коронавирус, која веќе (на)прави големи екопномски штети.

„Мало потсетување во ова време на криза, кога за некои работи, сакале или не, ќе мораме да се свртиме кон домашното производство.

Време кога оддеднаш многу држави го стопираат извозот (на пример на основни прехранбени производи, лекови и медицински матерјали) или снемува на пазарите некои производи (на пример заштитни маски), па домашното производство одеднаш ни станува многу важно, односно можеби единствена алтернатива. Криза во која освен загриженоста за здравјето, многумина се загрижени за своите работни места па така природно повторно стана актуелна темата за навиката и практикувањето купување македонски производи (она што го има и е наменето за широка но и индустриска потрошувачка).

Медиумската кампањата ‘Купувајте македонски производи’ за прв пат се појави во есента 1999 година и веројатно е најпопуларната и нај широко прифатена медиумска кампања во Македонија, воопшто досега. Таа кампања отвори голема дебата во општеството на оваа тема и за прв пат го сврте вниманието на граѓаните на Македонија за важноста за купување производи од домашно произвоство, кога е тоа можно.

Подоцнежните истражувања кои ги спроведовме покажаа дека истата имаше ефект од 15% до 20% зголемување на потрошувачката на домашните производи во Македонија наменети за широка потрошувачка, во различни сектори, во првата година по кампањата. Тоа беше прва кампања која барем кај дел од населението почна да менува навики при пазарењето, односно да ја менува неговата свест, што беше и основна цел на кампањата.

Првиот спот за оваа кампања го направи режисерот Милчо Манчевски на мој повик како министер за трговија во тоа време.
Тој се откажа од својот хонорар, а изработката на спотот беше финасирана од донации на преку 20 македонски фирми кои се одзваа на повикот на Министерството за трговија кое тогаш го предводев.
Целта на првиот спот беше да потсети дека од просторот на Македонија отсекогаш имало квалитетни и нашироко барани производи, спротивно на дотогаш вкоренетото мислење кај мнозинството население дека сè што е наше не чини, а сè што е странско е подобро. Спотот се снимаше на локации во Скопје (во Старата чаршија), мал дел во Дубровник (каде низ вековите како голем трговски град во регионот се носеле производи од Македонија) и поголем дел во близина на с. Зович, битолско мариовско, каде во едно августовско изгрејсонце во 1999 година неколку часа со задоволство присуствував на снимањето.
Спотот подоцна беше наградуван на различни фестивали за рекламни спотови низ светот, а повеќе режисери во тоа време, вклучително и соперници на Манчевски, во приватни разговори ми рекоа дека времето на спотови во Македонија во иднина ќе се дели на пред и по овој рекламен спот, кој воведе нови повисоки стандарди кои во следните години беа репер за споредба и мотив за надминување.

Слоганот на кампањата беше: ‘Made in Macedonia. За наше добро!
Купувајте домашни производи!’“, објави Груевски на Фејсбук.