Поранешниот премиер, Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, вечерва реагираше на Фејсбук за обвинението против него за настаните од 27 април 2017 и порача дека е лага дека тој или ВМРО-ДПМНЕ го организирале упадот.

„Одредени медиуми шпекулираа дека намерно тој ден сум бил на службен пат знаејќи што ќе се случува и сакајќи да одбегнам одговорност. Тоа не е точно. Моето патување беше договорено околу две недели претходно а самите челници на СДСМ објавија (мислам за неделникот Фокус), дека одлуката за тоа токму тој ден да се избере претседател на Собранието (на незаконски и неуставен начин) ја донеле токму тој ден попладнето, на 27 ми април, кога ги контактирале представниците на ДУИ, се сретнале во клубот на пратениците и се договориле за попладневната акција.

Оттука претходниот или претходните денови или недели не сме ни можеле да знаеме дека токму тој ден ќе се случи незаконскиот избор на претседател на парламентот очигледно намерно темпиран токму во време кога секојдневните двочасовни протести (од 17 до 19 часот) завршуваа пред објектот на парламентот и кога лесно можело да се претпостави од страна на СДСМ дека е можна спонтана реакција на сензибилизираните граѓани кои протестираа. Поправо би рекол, дека тие брзале да го искористат моето одсуство од земјата за да полесно предизвикаат тензии и инциденти во кои би поставиле “стапица” за граѓаните кои протестираа и освен нив би го обвиниле ВМРО-ДПМНЕ за сето тоа, па од тоа да имаат политичка корист’ – пишува Груевски на Фејсбук.

SHARE