Не стрелецот на победничкиот гол Дејан Манасков, ами Стојанче Стоилов бил главниот виновник за синоќешниот пораз од Македонија од 34:33 во квалификациите за Европско првенство 2020, смета исландското десно крило Арнор Гунарсон.

„Ги пронајдоа сите дупки во нашата одбрана и им беше лесно да се разигруваат и да постигнуваат голови. Нè реши нивниот пикер, кој тежи 140 килограми. Навистина е тежок за чување кога ја има топката во своите раце. Тој и нашата одбрана нè убија“, напиша Гунарсон на својот профил на Инстаграм.

Стоилов постигна четири гола за четвртата победа на македонските ракометари против Исланѓаните, прва на гости во 15. меѓусебен дуел. Воедно, ова е првиот пораз на Исланд како домаќин во официјален натпревар по тој од Шведска во 2006 година!

Реваншот е в недела од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“, кога со евентуална победа Македонија, практично, би го обезбедила пласманот на ЕП.

SHARE