Еврокомесарот Јоханес Хан изрази жалење што на денешниот Совет за општи работи на Европска унија не се постигна согласност за почеток на преговори за членство со Македонија и со Албанија.

„Многу жалам што земјите-членки не можеа да донесат одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Неславен момент за Европа – ова е трет пат во 16 месеци како дискутираме за ова важно прашање“, изјави тој на прес-конференцијата по состанокот на Советот.

„Важно е да се нагласи дека огромно мнозинство од земјите-членки ја поддржаа препораката на Европската комисија! Убеден сум дека лидерите на ЕУ ќе ја донесат оваа одлука на Европски совет, бидејќи секое понатамошно одложување ќе ѝ наштети на нашата улога во Западен Балкан, како и на кредибилитетот на нашата амбиција да станеме силен глобален играч“, додаде Австриецот.

„Мораме да го вратиме нашиот кредибилитет во Западен Балкан и да ги исполнуваме нашите обврски! Северна Македонија и Албанија ја завршија својата домашна задача и спроведоа болни реформи. Пристапувањето во ЕУ процес базиран на заслуги и затоа треба да признаеме конкретен напредок“, порача Хан.

SHARE