Хан за преговорите со ЕУ: Попусто е Северна без реформи

Комесарот за проширување во Европската Комисија Јоханес Хан во интервју за МИА вели дека одлуката за старт на преговори на Македонија сѐ уште не е гарантирана додека не се испорачаат клучните реформи побарани од страна на ЕУ минатиот јуни, посебно реформата на разузнавачките служби, борбата против корупцијата и реформата на судството.

Доколку Македонија не потфрли во делот на реформите, Хан верува дека земјите членки ќе го оддадат должното признание за спорот за името во форма на датум за преговори.

„Се надевам и речиси сум убеден дека ќе имаме ситуација каде сите земји членки ќе го испочитуваат овој успех. Затоа што станува збор за решавање на 27-годишен  спор и нема многу слични случаи во целиот свет каде вака долги спорови биле решени на ваков начин, со почит за интересите на двете страни. Имаме уште еден случај, а тоа е мировниот договор меѓу Еритреја и Етиопија. Но, овој конфликт траеше уште подолго, речиси три декади. Така што сигурен сум дека нашите земји членки ќе го препознаат овој историски успех ако е придружен од реформски напори“, истакнува Хан.

Судејќи по сериозната реформска посветеност на Владата, Хан вели дека е уверен оти земјите членки ќе го препознаат добриот напредок направен. „Како што секогаш велам: ако нашите земји партнери исполнат и ЕУ треба да исполни, дотолку повеќе што интеграцијата на Западниот Балкан е од интерес на ЕУ“, рече Хан.

Тој се надева дека последните случувања во Грција нема негативно да се одразат врз Преспанскиот договор, и е силно уверен дека тој ќе помине од грчка страна.

„Одлуката што треба да ја донесе грчкиот Парламент неделава, се разбира, е суверена одлука. Но се надевам и верувам дека последниот чекор во решавањето на овој долг спор може да биде направен бидејќи толку многу напори веќе беа инвестирани. Притоа, овој договор е од бенефит за целиот регион, вклучително и соседните ЕУ земји членки и се разбира, пред сѐ, Грција“, нагласува тој.

Одлуката за предвремени избори, како што посочува Хан, е суверена, но негов „скромен совет“, како што додава е „воздржување од сите други идеи“.

Тој не се согласува со ставот на одредени луѓе дека сега е добар момент за предвремени избори,  затоа што, како што посочува „нема многу време до следниот извештај на Европската Комисија“.

„Земјата треба да го искористи овој многу позитивен момент создаден од Преспанскиот договор затоа што нашата цел е да се добие одлуката на лето и навистина да се отворат првите поглавја до крајот на годината. И ова може да се постигне само ако сите навистина се ангажирани да го направат потребниот напредок. Сега кога прашањето за името е на добар пат да биде решено благодарение на одлучноста на лидерите и одговорното однесување на пратениците кои гласаа за договорот,  напорите треба да се фокусираат на реформите посебно во владеењето на правото“, вели Хан во интервјуто за МИА.

Според него, ова не само што ќе ги убеди земјите членки, туку е и во интерес на граѓаните кои имаат потреба да видат конкретни бенефити сега.

„Очекувам од сите политички сили сега, вклучително и најголемата опозициска партија да го поддржат овој процес“, подвлекува Хан.

SHARE

1 Коментар

  1. А што е со кривичната пријава за Талат??? ДПМНЕ му се заканува на глушец, А ОВОЈ ШТО НАПАРВИ ДРЖАВЕН УДАР се фали на социјалните мрежи!!! Каде е Иванов и АРМ???
    СЕ СРАМАМ ШТО СУМ МАКЕДОНЕЦ!!!

Comments are closed.