Харадинај ќе се повлече од премиер само ако побара Америка

Косовскиот премиер изјави дека е подготвен да ја напушти функцијата ако тоа го побараат САД, но дека царината од 100 насто кон Србија ќе остане.

„Доколку американецот дојде и ми каже, Рамуш, напушти ја функцијата, заминувам, но даноците ќе останат“, рече Харадинај, како што пренесуваат косовски медиуми.

Харадинај вели дека Америка е како „голем брат“ и ја тестира Приштина колку може да издржи.

Запрашан зошто не ги слуша американските барања, Харадинај рече дека не сакал да се повлече пред Србија и Русија.

Говорејќи за можноста САД да ги повлечат своите сили од КФОР во базата Бондстил, Харадинај смета дека САД нема да го сторат тоа заради косовските царини кон Србија, туку само доколку тоа е во нивните безбедносни планови.

„Ако Америка планира да ги повлече своите војници од Бондстил, ќе ги повлече, а ако не, нема да ги повлече. Бидете мирни, бидејќи тоа нема да се случи“, рекол Харадинај.

Косовскиот премиер вели дека доколку Америка има такви планови за глобална безбедност, „прво ќе ни овозможи да се браниме, бидејќи имаме граница со Русија“.

SHARE