Среќна, супертешка, но исклучително вредна победа на ракометарите на Вардар од 31:30 над Мотор во Запорожје за максимални шест бода, со кои се зацврсти на врвот во групата Б од Лигата на шампионите.

Среќна победа зошто по тајм-аутот на Писонеро земен 28 секунди до крајот Скубе четири секунди до истекот на времето биеше во Киреев, а Украинците потоа погодија од огромна далечина, но непосредно пред тоа се слушна звукот на сирената!

Рововска битка се водеше во текот на сите 60 минути на теренот каде што Мотор славеше so 32:31 во СЕХА-лигата на 7 септември, а на полувреме домаќинот водеше со 18:16.

Лошиот ден на голманскиот тандем Гедбан – Кугис (6 одбрани заедно), но и на Атман и Скубе во нападот, за малку не ги чинеше скапо „црвено-црните“. Но, сега Фортуна беше на нивната страна, враќајќи им за нереализираниот седмерец од Чупиќ по истекот на времето пред три седмици.

Дибиров беше играч на мечот со 10 гола од 12 обиди (седум погодоци во првото полувреме). Криштопанс го следеше со ефект 7/11, Чупиќ заврши со 4/5, а Калараш со 4/6.

Триумфот во Украина е увертира на дербито со второпласираниот Кил со пет бода, закажано за 12 октомври од 17:30 часот во Скопје.

SHARE