Хроника

„Курир“: Скандалот се продлабочува! Сопругата правобранителка му ги договарала на судијата „ѕидар“ средбите за рушвет од обвинети!

Разговори снимени со посебни истражни мерки беа изнесени вчера на судењето против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа беа најдени 350.000 евра соѕидани во ѕид. Обвинителството објасни дека снимките покажуваат како била договарана средба меѓу судијата Ристов и лица поврзани со двајца обвинети за тешки кривични дела.

Обвинителката Искра Хаџивасилева посочи дека женскиот глас што се слуша во дел од разговорите е на Симона Ристова, сопруга на обвинетиот судија и државна правобранителка за подрачјето на Скопје. Според презентираните разговори, таа комуницирала со Един Шеапи, лице поврзано со предметот „Ориент“ и договарала тој да се сретне со нејзиниот сопруг. Дел од снимките се однесуваат и на комуникацијата на Али Арифи, татко на двајцата обвинети во предметот. Шеапи и Арифи биле следени поради сомнение за давање поткуп на судијата Ристов. Во тој период Ристов бил судија во Апелацискиот суд Скопје и постапувал по предметот „Ориент“ кој претходно се водел во Кривичниот суд за делата злосторничко здружување, проституција, неовластено држење дрога и перење пари.

Во еден од прислушуваните разговори од 5 мај 2025 година, Шеапи разговара со друго машко лице кое го прашува дали во текот на неделата ќе се сретне со лицето кое во комуникацијата го нарекуваат „нишанот“. Шеапи потврдува дека средбата треба да се случи и кажува дека чека „нишанот“ да му соопшти кога. „Оваа недела мора да се заврши, со Господ напред“, се слуша во разговорот презентиран пред судот.

Наредниот ден Шеапи стапил во контакт со Симона Ристова и побарал средба. Според презентираната комуникација, тој ѝ кажал дека претходно ѝ пишувал и на Инстаграм, на што таа му одговорила дека целиот ден била во гужва. Истата вечер Шеапи повторно ѝ испратил порака со која ја потсетил за договорот. „Само да ве потсетам“, ѝ напишал тој. Ристова му одговорила „да, за утревечер“, на што напишал: „благодарам, се слушаме“.

Комуникацијата продолжила и на 7 мај. Али Арифи, таткото на обвинетите во предметот, во разговор со друго машко лице кажал дека е „на чекање“, а Шеапи во друг разговор навел дека претходниот ден се слушнал со „посредничката“. Околу 13 часот истиот ден Шеапи повторно ѝ испратил порака на Ристова со зборовите: „Здраво, да ве потсетам“. Потоа во една од пораките Ристова му ја посочила локацијата „кај хрватската амбасада“, а подоцна средбата дополнително била прецизирана со „кај кафулето“.

Овие комуникации се случиле непосредно пред средбата меѓу Шеапи и судијата Ристов на 7 мај 2025 година. За оваа средба претходно во постапката е презентирана и видеоснимка. Обвинителството со презентираните материјали настојува да ја докаже комуникацијата и начинот на кој била организирана средбата на Ристов со лица поврзани со  „Ориент“. Според информациите презентирани во постапката, засега против државната правобранителка Ристова нема посебна постапка во врска со овие разговори. Судењето продолжува на 3 септември, кога треба да бидат изведени нови докази. Одбраната предложила и обвинетиот Ристов да биде сослушан.

„Курир“

Најнови вести од: Хроника

Вреди: Случајот Ласкарци е симбол на неуспехот на судството, кое мора да се реформира од корен!

Седум години по трагедијата кај Ласкарци, семејствата на 16-те жртви сè уште ја чекаат правдата. Укинувањето на пресудата на Апелациониот суд и враќањето на предметот на повторно судење повторно отвораат простор за ново одолговлекување на процесот, порачаа денеска од ВРЕДИ.

Поднесена кривична пријава против уапсениот помошник директор во Царинска Управа, поради примање мито

На 10.09.2026 во близина на клучка Желино, на автопатот Скопје-Тетово, полициски службеници под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК го лишија од слобода Џ.И. (63) од Шипковица, Тетово, помошник директор во Царинска управа на РМ. Денеска (11.09.2026) Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против него за сторени кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Полициски претреси на 32 локации, проверка и во службени простории на МВР – сомнежи за незаконски дејства околу возачки дозволи!

Министерството за внатрешни работи денеска информира дека спроведуваат акција со претреси на повеќе локации, поради сомненија за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за C и D категорија.

Првообвинетиот за пожарот во дискотеката во Кочани Дејан Јованов (Деко) ќе излезе наскоро од притвор

На 3 октомври првообвинетиот за пожарот во дискотеката во Кочани, Дејан Јованов (Деко) ќе излезе од притвор, потврдил Кривичниот суд за ТВ Телма. Според Законот за кривичната постапка, тој може да биде во притвор максимум една година од оценката на обвинението.

Најнови вести

To top