Хроника

Под истрага шестмина и две правни лица за проневера и перење над 2,2 милиони евра – сопственик на фирма од Кучевиште е првоосомничен

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал , постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица.

Со истрагата е опфатен сопственик и управител на кривично одговорно правно лице од село Кучевиште, кој воедно бил и неизвршен член на Одборот на директори во кривично одговорното осигурително брокерско друштво, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. За помагање при извршувањето на истите кривични дела осомничени се двајца извршни членови на Одборот на директори во осигурителното брокерско друштво и овластен сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг. Раководителот на станицата за технички преглед и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта се осомничени за помагање при извршувањето на „Проневера во службата“. Со Наредбата се опфатени и две правни лица осомничени за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според доказите обезбедени до овој момент, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил 138.877.419 денари, додека останатите осомничени со умисла му помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.

Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта. Раководителот на станицата за технички преглед, како овластено лице, изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.

Со цел прикривање на паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување. Заедно со неизвршниот член на Одборот на директори, средствата ги префрлале меѓу сметките на правните лица и ги мешале со приходите од редовното работење, а дел бил употребен и за купување недвижности во корист на правното лице.

Осомничениот сметководител евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на кривично одговорното правно лице.

Помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, иако била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, свесно не ги презела потребните дејствија. Дополнително, го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП, наместо правното лице да доставува месечни извештаи до претпријатието.

Со дејствијата што се предмет на истрагата е прибавена противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра, на штета на повеќе институции и општини.

Ценејќи дека се исполнети законските услови и со цел обезбедување присуство на осомничените во текот на истражната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени и мерки на претпазливост за еден осомничен.

Најнови вести од: Хроника

13-годишното дете кое беше прободено во срце е стабилно, движењето на срцето е во ред, но сè уште е во животна опасност

Министерот за здравство, Сашо Клековски, информира дека 13-годишното дете кое беше прободено во пределот на срцето во Чаир и натаму е во тешка состојба. „Последната информација ми е, за жал, од вчера: сè уште е стабилно, но во животнозагрозувачка состојба“, изјави Клековски. Како позитивна околност, тој посочи дека движењето на срцето е уредно, односно дека […]

Разбиена криминална група, која проневерила 2,2 милиони евра преку измама со регистрација на возила

Полицијата разби криминална група која, според истрагата, со години преку лажни извештаи, фиктивно прикажување на финансиски податоци и префрлање пари меѓу сметки на повеќе правни лица проневерила 138,8 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра.

Ја тепал сопругата дома, па ја однел во шума и продолжил да ја малтретира!

Скопјанец на возраст од 27 години е лишен од слобода под сомнение дека физички ја нападнал својата 21-годишна сопруга, а потоа ја однел во шумски предел во Скопје, каде што ја врзал за дрво и продолжил да ја напаѓа.

Најнови вести

To top