Хроника

Судот е кабает за враќање на мозокот на случајот со лажни возачки категории

Полицајката вратена на работа по судска пресуда повторно под истрага за фалсификување возачки дозволи

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 27 лица, меѓу кои и една вработена во МВР, поради основи на сомнение за низа кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.

Во фокусот на случајот е службеничката од Одделението за управни работи Скопје, која се сомничи дека во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра и овластувања, незаконски менувала барања за издавање возачки дозволи. Според истрагата, таа ги отфрлала веќе оформените барања, креирала нови и внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа барањата биле одобрувани и биле издадени возачки дозволи со невистинита содржина.

Особено внимание привлекува фактот што истата службеничка претходно веќе била отстранета од работното место. Во периодот од 11 февруари до 11 април 2021 година била суспендирана, а потоа и отстранета од МВР поради поднесена кривична пријава за злоупотреби во постапките за издавање лични документи – дела сторени при вршење на службената должност. На 15 јануари 2025 година, врз основа на судска пресуда, повторно била вратена на работното место во Одделението за управни работи Скопје. Сега, само месеци по враќањето, таа повторно се соочува со обвиненија за сличен криминал.

Со ваквото постапување биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, а во еден случај делото останало во обид. Во три случаи претходните барања биле отфрлени и заменети со нови во кои повторно биле внесени недозволени категории.

Четири лица постапувале како посредници – ги пронаоѓале заинтересираните, ги поврзувале со службеничката и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите. За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ (член 378 од Кривичниот законик) и едно дело во обид. Дел од останатите пријавени се сомничат за фалсификување во соизвршителство, а лицата кои ги добиле дозволите – иако не ги исполнувале условите – исто така се опфатени со истрагата.

Шест лица ги употребиле фалсификуваните дозволи при преминување на државната граница, а две од нив и за добивање сертификати за професионална компетентност издадени од Министерството за транспорт. За овие дејствија постојат основи на сомнение за „Употреба на исправа со невистинита содржина“ (член 380).

Одделот за внатрешна контрола го известил Министерството за транспорт со барање за вонреден надзор над правните лица што вршат обука или посредуваат при издавање сертификати, како и за преиспитување на веќе издадените документи.

Против службеничката ќе биде поднесен и предлог за поведување дисциплинска постапка, а ќе ѝ биде изречена мерка на суспензија од работното место до нејзино завршување.

Случајот повторно го актуализира прашањето за контролата врз службениците кои, и покрај претходни обвиненија за слични злоупотреби, по судска одлука се враќаат на позиции со пристап до чувствителни електронски системи за издавање јавни исправи.

Најнови вести од: Хроника

Доживотен затвор за серискиот убиец Трајко Бојковски, поради четири убиства и два обида за убиство на жени

Основниот суд во Куманово денеска ја изрече пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане. Судот го осуди Бојковски на казна доживотен затвор, со што заврши првостепената судска постапка која предизвика голем интерес во јавноста.

Од 12 октомври 2026 започнува „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и во Дебар

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека од понеделник (12.10.2026), системот за сообраќаен надѕор „Безбеден град“ започнува со работа и на подрачјето на СВР Охрид, односно и во Струга, Кичево и во Дебар.

Притвор и куќен притвор на двете вработени во АД „Државна лотарија“ за проневера на 1,3 милиони евра

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлог на Обвинителството, им определи мерка притвор и куќен притвор на двете осомничени финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“ за “проневера во служба”.

Одземен пасошот и забрана за работа за Вишиот јавен обвинител од Битола, се сомничи за криминал и мито

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против П.В. – Виш јавен обвинител од Битола, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК.

To top