И Грција по фабриката на „Фолксваген“, за која се мечтаеше и во Македонија

Грција изрази интерес за новата фабрика на „Фолксваген“ планирана за изградба во југоисточниот дел на Европа или во Мала Азија, придружувајќи им се на претендентите Турција, Бугарија и Романија.

Во интервју за националната телевизија министерот за развој и за инвестиции Адонис Георгијадис изјави дека Владата „веќе го изрази својот жив интерес до ‘Фолксваген’ за локацијата на новата фабрика“, која ја најавуваа и во Србија, а за која се зборуваше и во Македонија.

Во почетокот на минатиот месец „Фолксваген груп“ објави дека ја одложува својата конечна одлука за изградба на новата мултибренд фабрика близу турскиот град Измир среде меѓународните критики за воените операции на Турција во Сирија.

Новата фабрика е предвидено да ја произведува следната генерација автомобили „Фолксваген пасат“ и „Шкода суперб“ и треба да има годишен капацитет од 300.000 возила. Според почетниот план, таа требаше да стартува со производство во 2022 година.

Бордот на компанијата треба да се состане во средината на овој месец, кога се очекува една од главните теми да биде токму новата фабрика.

SHARE