И ние сме деца на Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Ќерката на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, пред неколку дена е вработена во „Македонски електропреносен систем-оператор“ (МЕПСО) „како најдобар кандидат од пријавените на огласот“. Новата референтка за набавки на државната енергетска компанија ќе добива нето-плата од 36.540 денари.

Во април годинава во „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) се вдомија ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и синот на некогашниот градоначалник на Центар, Мирослав Грчев. И од овој енергетски гигант во државна сопственост тврдат дека двајцата ги примиле на работа „поради исклучителните биографии во поглед на нивното образование, но и делумното работно искуство што го поседуваат“.

„Сосем случајно“, како на филм, во четвртиот месец од годинава „седумка на лото“ му падна и на синот на ексминистерот за внатрешни и за надворешни работи Љубомир Фрчкоски. За „скромни“ педесет илјадарчиња, Фрчко јуниор ‘рмба како помошник-генерален директор во Јавно претпријатие за станбен и деловен простор.

Ќерката на шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, во август минатата година од Министерство за образование добила стипендија од „само“ 40.000 долари за студирање во Холандија. И таа ги исполнила „сите строги услови“ од конкурсот, а тато Никола ем порача колку е горд на своето чедо, ем им удри „воспитна“ на сите што во ова видоа непотизам.

Непотизам? Пу-пу, скраја било. Ма ајде, ви се молам! Тоа се само злонамерни инсинуации и импутации на болно љубоморни остатоци на груевизмот и на руското влијание во Македонија. Па, сите овие „златни дечиња“ на првенци на СДСМ и на ДУИ, како и на еден „као“ независен, само ја потврдуваат старата вистина дека зад секој успешен татко стои успешен син и/или ќерка. Крушата под круша паѓа. Нема да падне под мушмула.

За нив не важи она „тате носи, мама меси“, оти исклучиво сами и ни со најмала помош од своите влијателни татковци се нагрбачија со исклучително тешки и одговорни задачи, додека еден убав сончев ден не ги наследат во државничките работи. Како што си е редот, нели? Оти тие и само тие се и убави, љуби ги мајка, и умни, и способни да ја поведат земјава кон светлата иднина. Кон подоброто утре, кое само што не дошло. Ако не оваа среда, другиот петок…

А децата на обичните смртници нека не се сакалдисуваат многу. Со самото тоа што нивните родители не се необични како другиве, треба да се свесни за својата инфериорност уште во стартот. Едноставно, со такви никакви предиспозиции треба да им биде чест ако воопшто се сетат на нив и ги викнат, на пример, да им пишуваат говори, да им се смеат на вицовите и да им ракоплескаат во соодветни пригоди. Или тоа, или „трбухом за крухом“ некаде јабана, да не им пречат во оправувањето на државава на одбраниве за идни лидери.

Да, никој не им брани и да си потпевнуваат „и ние сме деца на мајката земја, на мајката земја, на Македонија, и ние имаме право да живејме, како и другите живот што живеат“. Како да немале право? Имаат. На самодекларираниве наследници на авангардата на работничката класа за бадијала ли устата пена им фати уверувајќи дека создаваат еднакво општество за сите. Треба само трпение. Кај и да е, ќе им тргне. Впрочем, кога тоа во овие речиси три децении независност не им тргнало кога тие го воделе орото? А?

SHARE

2 Коментари

    • Речникот ти е на ниво. Секоја чест. Самото тоа што оправдуваш непотизам, како и тоа што го криеш идентитетот, доволно зборува што мустра си. Авторот на колумната стои со име и презиме зад тоа што го напишал, а ти се криеш и уште навредуваш

Оставете Коментар