„Денешниот договор отвора една нова врата за можности, отвора можности за нова соработка со Европа и во неа, меѓутоа сега доаѓа тешката работа. Ние сме тука да ви помогнеме во вашите напори, иднината е во ваши раце и во рацете на сите граѓани на Република Македонија. Добре дојдовте во нашето проширено семејство“.

Ова не е извадок од говорот на високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини во Собранието на Македонија од 19 април 2018 година, пишува Горан Михајловски во последната колумна за порталот „Сакам да кажам“ насловена како „Кружна Фантазија.

Во продолжение Михајловски вели:

„Ова е изјава стара само 17 години. На 9 април 2001 година ја дала шведската министерка за надворешни работи Ана Линд. Таа, како претставник на Шведска која тогаш била претседавач на ЕУ со Унијата, ја потпиша Спогодбата за асоцијација и стабилизација со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во Луксембург. Кога премиер на Луксембург беше Жан Клод Јункер, сегашниот претседател на Европската комисија.

Стабилизацијата уште трае. А асоцијацијата не е ни почната.

Гледате, и покојна Ана Линд тогаш, исто како Могерини сега, ни рекла дека допрва ни доаѓа тешка работа. Таа рекла. Ама, кој ја есапел.

А баш убава приказна ни имаа спакувано уште во 2001 година, кога Ана Линд и Љубчо Георгиевски се сликаа со шампањско во Луксембург. Демек, ќе одиме во ЕУ, ќе нѐ примат во НАТО, ќе бидеме пример за добро средени меѓуетнички односи, ќе градиме пазарно стопанство во демократија од западен тип…

На потпишувањето покрај Линд присуствувале и тогашниот еврокомесар за надворешна политика Крис Патен и тогашниот висок претставник за надворешна политика и безбедност на Унијата Хавиер Солана. Европската тројка тогаш соопштила: „Македонија е модел што треба да го следат и другите земји во регионот, луѓето во Македонија знаат дека имаат иднина за која вреди да се борат“.

И факт е. На пример, Хрватска го следеше примерот на Македонија…“

Целата колумна на Горан Михајловски на .следниот линк.