Иде Вардар… – Пишува Роберт Димитриевски

„Кога почна овде на бетонот да иде водата, искочисмо надвор. Кад погледнамо одозгора – иде Дунав. Немаше спас, опасно беше. Ми смо гу газиле воду до овде нá. Значи, на своју вољу, ризик јак, мила душа. И да погинеш, колко-толко мож’ ќе се спасиш“.

К’д на овуј антологиску, вонвременску и непоновљиву изјаву ќе замените „Дунав“ с’с „Вардар“, а сироту жену што гу изговара с кој било ракометар на Веспрем, у кратки црти га добивате финале на Лигу на шампиони у рукомет. Искочисва суиграчи на ексвардарци Штербик и Манасков да погледнев одозгора у „Ланксес арену“ и – што ќе видив – иде Вардар. Немаше им спас. „Погинаше“ на терен у Келн и не могава да се спасив…

Ако кумановскиот дијалект на многумина сам по себе им е смешен, што и да се каже на него, на четирикратниот финалист во ЛШ од Унгарија и никогаш освојувач, а посебно на неговите симпатизери, им се плаче. Им се плаче, богами, и на еден куп горди поданици на „Северна“, кои со душа чекаа да ја видат на колена спортската гордост на Македонците. Не можат да го смислат „играчот со број 5“, кој им дотури сол на раната со пораката од Германија дека „ова е голема победа за нас и за мојата земја Република Македонија“, а сега ќе мораат да глумат дека и ним им е драго за „враќањето на отпишаните“. Мани друго, нивните првенци уште и ќе мораат да им честитаат, макар и протоколарно, на ракометните херои на Македонија, па и да им организираат пречек каков што им доликува на повратниците на европскиот клупски престол. Не е лесно да си „северџан“ деновиве…

Македонците, пак, ги имаат сите можни причини да слават. По сите понижувања, навреди, преименувања, посегања по идентитетот, непочитување на јасно изразената волја на референдум, дочекаа барем виртуелно исправање на сите неправди направени кон нив во згуснат временски рок. Вардаровите ракометари им покажаа дека и во најтешки околности, и тогаш кога се чини дека „иде Дунав и нема спас“, може да се успее. Силната волја, упорноста и сплотеноста наспроти злорадоста на тие што навиваа(т) Вардар да го (с)нема го прават подвигот на четата на Парондо уште подрагоцен и повеличествен. Без скршен денар цела сезона, а со втор шампионски пехар, наспроти мултимилионските буџети на Барселона, Веспрем, Пари Сен Жермен, а пак со празни раце.

Па, куде га има тој, бе, ееееј? Иде Вардар… Боље да му се тргнеш од пут, па и да погинеш, колко-толко мож’ ќе се спасиш.

SHARE