Илона Захариева: Условувањето на гласањето во дијаспората е класична дискриминација

Македонската активистка од Италија, Илона Захариева, го критикува цензусот за гласањето на иселениците на претстојните вонредни парламентарни избори во Македонија.

„Последната изјава на Дерковски, односно решението на ДИК за условување на гласањето во дијаспората е класична дискриминација.
Да се зборува за закони во Македонија е скоро несериозно, со оглед дека веќе воопшто не се знае ниту кој донесува, ниту кој толкува, ниту кој спроведува закони и дали ‘законите’ се воопшто законски.
Во таков еден хаос и безредие решенијата се донесуваат на дневно – политичка основа и врз база на пазарења и уцени, а не врз база на темелна анализа и консултации. За држава која има ‘полна уста ЕУ’ оваа ситуација е прво несериозна и незрела, а потоа смешна.
Неколку работи кои не ги земаат во предвид, туку онака, на памет или од ракав, што би се рекло, си исфрлаат закони:
Прво и основно, Македонија не може да направи попис во државата, а камоли да знае колку луѓе има надвор. Дури и да се имаат точни бројки, сите граѓани имаат право да бидат застапувани во парламентот. Оттука, процентот на пратеници се калкулира врз база на тоа колку луѓе живеат надвор, а не со некој репер од претходни избори во Македонија.
Друго, за да се бара цензус треба да бидат обезбедени исти услови како оние во Македонија, а знаеме сите на што се мисли.
Ние сме многу мала нација и имаме потреба да се одржиме, да не изумреме тотално, затоа треба да се води посебна грижа за секој еден што се чувствува македонец, било каде да се наоѓа во светот. Негрижата за иселениците во изминативе години, недоволната и површна комуникација, доведе до ситуација да не може да се најде вистински модел и начин за изразување на волјата на гласачите во дијаспората.
Апел до институциите да не ја одбиваат раката што им се нуди. Иселениците можат да помогнат во многу области доколку се направи вистинска но и искрена стратегија, а со тоа ќе имаат можност да одржуваат по стабилна врска со татковината. Си требаме едни на други, колку и да го негираме тоа“, порачува претседателката на македонското здружение „Камен мост“ од Канели.

SHARE