Им “пресуди” ли „Шпигел“ на Зоран Заев и Катица Јанева?

Со наслов „Осомничената хероина на Револуцијата!“ и поднаслов „Корупциска афера во С. Македонија“, еден од највлијателните германски медиуми неделникот Шпигел (Огледало) објавува текст за „Политичкиот земјотрес за целата земја“.

Иако директно не им предвидува политички и обвинителски крај на премиерот Заев и обвинителката Катица Јанева најтиражниот германски неделник објавува текст во кој ги искажува своите впечатоци според кои и двајцата се во тешка состојба од која нема враќање.

Еве дел од поентите на Шпигел:

– Премиерот Заев нервозно изјави дека криминалец, педер и суетен новинар сакаат да му ја срушат владата, што остави впечаток дека нешто крие
– Таа важеше за симбол на борбата против корупцијата, а сега самата е заглавена во една голема рекетарска афера.
– Објавени видео снимки и разговори кои Катица ги потврди
– Тргувала правда за неказнивост со бизнисменот Камчев, близок партнер на екс директорот на УБК Сашо Мијалков
– Незадоволството кон владата расте
– Во јуни земјата не доби датум за преговори, делумно заради резервите од Франција, Холандија и Германија, а сега со Рекет се покажа дека тие резерви биле оправдани

Анализата за Македонија во Шпигел излегуваат во период кога германскиот Бундестаг се подготвува за септемвриските сесии на кои моќната Комисија за надворешна политика ќе носи одлука дали на Македонија во октомври ќе и се даде датум за почеток на преговори со ЕУ.

Дури и ако написот нема политичка порака и позадина, со оглед на тоа што Шпигел е весник кој го читаат речиси сите политичари од сите партии и дипломати во Берлин шансата со вакво досие да се добие датум е сомнителна.

По текстот во Шпигел за огромниот скандал во Македонија ќе дознаат и тие што малку ги интересира Балканот и Македонија а на тие што им бевме симпатични како држава им е отежнат напорот да ги убедат мнозинството пратеници од ЦДУ, СПД, Зелените и другите да изгласаат датум за почеток на преговори за Македонија.

На крајот на јуни годинава, на само неколку дена пред сесијата за проширување на ЕУ на Бундестагот, во германскиот дневен весник Билд излезе напис поткрепен со тајно снимено аудио за криминални врски на албанскиот премиер Еди Рама со нарко шефови по што Бундестагот одлучи да ја одложи одлуката за поддршка на албанскиот и македонскиот датум за преговори со ЕУ.

Фотографијата со кој е илустриран текстот во Шпигел е на Борис Грдановски

SHARE