Името е формата, а суштината е промена на идентитетот, смета бугарски дипломат

Спорот за името на Македонија меѓу Скопје и Атина е само формата, а во суштина барањето на јужниот македонски сосед е промена на идентитетот на народот што живее на север од Грција, смета бугарскиот дипломат Љупчо Трохаров.

„Уште со објавувањето на независноста на Република Македонија, Грција ултимативно го постави прашањето за промена на името. Но, брзо стана јасно дека името е формата, а суштината е да се промени идентитетот на тој народ во Македонија, бидејќи тој идентитет и таа политика што се следи во таа нова држава го поттикнува студенилото во односите, кое значи – претензии на Република Македонија кон некакво свое македонско население, а тоа значи и кон одредени територии на Грција“, рече Трохаров на меѓународната конференција „140 години македонско прашање“ во Благоевград.

Според поранешниот бугарски амбасадор во Хрватска и во Босна и Херцеговина, македонското прашање не е случајно или вештачко, туку многу сериозно од гледна точка на интересите на двете страни.

„И не само тоа. Прашањето ги засега непосредно националните интереси на уште три држави во регионот – Бугарија, Албанија и Србија, кои имаат историски, национални и етнички врски со географската област Македонија. Тоа прашање многу брзо се интернационализира, стигнувајќи до Обединети нации, Европска унија, НАТО, меѓународни организации итн.“, додава Трохаров.