Импотентни мртвопувала – пишува Драган Милосављевиќ

Гротеската со Законот за ЈО, чие изгласување има за цел единствено да се спасат неколку десетици лакоми и меснати газови од можноста утре-задутре да седнат на обвинителна клупа, на јавноста и нуди нова шанса да ја согледа величенствената неспособност на власта да ги скрие сите слабости кои „ја красат“ уште од моментот кога се ухлеби врз грбот на народот пред три и кусур години.

Не постои ниту еден разумен аргумент зошто Предлог законот кој упорно се турка, мора по секоја цена да помине во Собранието.

Практично целиот правен крем во земјата се изјасни дека ваквиот закон е лош, штетен и неправеден.

Го бранеше само Фрчко но тоа само по себе значи дека нешто дебело не е во ред со тој документ, бидејќи општо познат факт е дека за овие триесетина години буквално се за што се залагал овој професор било погрешно, наказно или спротивно на интересите на граѓаните.

Јавноста речиси акламитивно негодува.

Пораките од ЕУ исто така се индикативни. Францускиот амбасадор Тимоние и европскиот претставник Жбогар јасно и недвосмислено порачаа дека ЕУ внимателно следи и регистрира не само што предвидува Законот, туку и на каков начин ќе биде донесен во Парламентот, со што алудираа дека за Унијата не е сеедно дали повторно ќе бидат употребени сите контроверзни методи како при промената на уставот.

А зошто овој закон е наводно итен и неопходен? Заради ЕУ. Значи оние кои инсистираат да биде донесен Закон за ЈО, уште повеќе инсистираат тоа да се направи адекватно на европската пракса, значи чесно, транспарентно и со поддршка од јавноста.

Но што со тоа? Власта си го тера возот по својата пруга, а сите противници ги обвинува за антиевропејство.

Така излегува дека покрај Калајџиев, Најчевска, Силјановска и дузина други врвни но затоа заостанати балкански експерти, и екселенцијата Тимоние е антиевропеец?

Министерот за надворешни работи Димитров без воопшто да размисли што зборува порача дека секој пратеник што нема да гласа за Законот практично ќе биде проколнат на вечно антиевропејство, небаре куц ѓавол занавек ќе лута низ катакомбите на Брисел и никогаш нема да може да излезе надвор за да му се порадува на чистиот европски воздух кој испарува од сите пори на хартијата потпишната од Рената Десковска.

Со еден збор чудо!
Но што е многу интересно со целава лакрдија? Во апсолутната неспособност, некреативност, некадарност и, ако сакате, нецивилизраност, владинииот арсенал за напад и одбрана е исполнет со една и иста, здодевна, импотентна, мртвопувлеста и тажна мантра – кој не се согласува со нас, тој е против ЕУ. И против НАТО, такуѓере.

Никому не му е јасно како е ова возможно? Ако се изјаснувате против Закон со кој се штитат функционерите од прогон врз база на исти онакви бомби какви што актуелната власт без проблеми користеше за уривање на претходниот режим, тогаш тој е против ЕУ и НАТО?

Ако сте против официјална употреба на албанскиот јазик во беровското село Смојмирово, вие мора да сте против НАТО и ЕУ!

Доколку сте против затворање на последниот гигант останат од Југославија, тетовски „Тетекс“, нема збор – вие сте противник на ЕУ и НАТО. Ако ви се малку 150 евра месечна пензија, нема сомнеж дека ги мразите Брисел и Вашингтон.

А што ако не сакате да дишете најзагаден воздух во светот? Па се разбира, вие сте класичен хејтер, вам ви сметаат ЕУ и НАТО. До неодамна и ако не ви се допаѓаа Боки 13 и Катица бевте жигосани како класични мразачи на евроатлантските вредности.

Оваа некадарност дури и да се смисли било што друго како одбрана на сите недугавости на владејачкиот естаблишмент и бескрајното повторување „ние сме за ЕУ и НАТО, сите други се против“, направија никој да не ги сфаќа сериозно дури и во ретките моменти кога навистина јавноста имаше причина да им верува.

А настојчивоста во „сулудото“ инсистирање на празните флоскули, би можела да предизвика гадење кај граѓаните не само кон импотентниот Пи АР на Владата туку и неправедно кон евроатлантските сојузи кои бесмислено се злоупотребени од една толку лигава пропаганда.

Но, на господата залепени за владините фотељи тоа не им игра никаква улога. Ним им е важно да преживеат ден повеќе на функција, а што ќе се случува откако ќе паднат не е важно.

И потоп нека има, ништо страшно.

За нините газиња секогаш ќе се најде некаков чамец каде дури и ќе седат мафтајќи весело со ЕУ и НАТО знаменца додека некој друг ќе мора да весла за тие да бидат пренесени на сува и сигурна почва.

Гадови.

Драган Милосављевиќ

SHARE