In memoriam за единствениот грчки шпион што пребегал во Македонија

Вчера доцнa вечер во болница во Атина починал Никос Грилакис, еден од најблиските соработници на поранешниот грчки премиер Констатинос Мицотакис, специјалист за безбедносни прашања, разузнавање и балкански прашања.

Екс-генералот на грчката армија е роден до селото Аликамбос , Ханиа а своето образование како разузнавач го добил од врвни американски и израелски институции. Од 1989 до 1993 година била советник на Мицотакис за транс-балкански релации, одбрана и безбедност.

Во Грција беше обвинет дека неовластено во периодот од 1990 до 1993 година учествувал во преговори за името со Македонија и дека во неколку наврати заминал во тајни мисии во земјава.

Во Македонија стана познат откако медиумите по падот на владата на Мицотакис открија дека Грилакис пребегнал од Грција во земјава со цел да избегне прогон од грчките власти а тоа од тогашната власт пребегот на топ грчкиот разузнавач се прикажуваше како огромен успех за владата и службите за безбедност.

Во книгата „Откривам“, генерал Грилакис, кој според грчки извори директно учествувал во преговорите за името , пишува дека тие се воделе во времето на тогашниот потпретседател на македонската влада Јован Андонов.

Според Грилакис, за името во Скопје не разговарал само со претставници на владата, туку и со раководствата на сите христијански политички партии, кои тогаш се согласиле со решавањето на спорот со називот Славомакедонија.

Ова решение подоцна пропаднало според Грилакис, бидејќи Мицотакис не добил поддршка во Грција (падна владата на Мицотакис), а се спротивстави и американскиот посредник во решавањето на прашањето за името Сајрус Венс.

Овие информации поврзани за името  „Славомакедонија“ ги потврди и поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис, соопштувајќи дека Пасок до 1993 година го користел генералот Грилакис за контакти во Македонија.

Грилакис, во тој период, работел од името на Мицотакис и тајно престојувал во Македонија во неколку наврата. Дури според него, се работело на предлог по распаѓањето на Југославија, ако Македонија го смени името во Славомакедонија да се направи Федерација или Конфедерација со Грција и на таков начин да се вклучи Македонија во Европа.

Грилакис за време на пребегот во Македонија во 1993 година предизвика судир и во македонската влада откако тогашниот министер за внатрешни работи без дозвола од претседателот Глигоров го примил Грилакис и му дал заштита со цел од него да добие информации за позициите на Грција во спорот за името и за други теми.

Подоцна Грилакис се враќа во Грција каде што не му е судено за неговите активности во врска со Македонија.

SHARE