Инспекторот Илиевски за expres.mk: Попусто се закануваат, не се повлекувам, законот е над се

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски кој беше суспендиран од образовните власти откако откри незаконитости на Тетовскиот Универзитет од кои бенефиции имале високи државни претставници вели дека не се повлекува од неговите ставови затоа што законот е на негова страна и мора да биде почитуван од сите без разлика дали се работи за професори, декани, министри или ректори.

Во разговор со expres.mk Илиевски вели дека не се плаши затоа што законот и процедурите се јасни, секој што ги прекршил правилата во образованието мора да одговара ако сакаме владеење на правото што е предуслов за влез во НАТО и ЕУ.

“И покрај притисоците и заканите кои ми беа упатени од директорот на Државниот Просветен Инспекторат и заменикот министер за внатрешни работи со цел да се повлечат записниците и решенијата за нивното незаконско унапредување и извршени интелектуални услуги и земање незаконски финансиски средства од Универзитетот Тетово јас не се повлекувам”, вели Илиевски кој со месеци е под притисок откако го почитуваше законот и откри високи државни функционери кои истиот го прекршиле.

“Сакам да ја информирам јавноста дека останувам доследен до крај дека законот и правдата ќе победи. Законите треба да важат за сите еднакво без разлика за кого станува збор. За сето ова ќе бидат дополнително известени амбасадите на САД, Германија и на други држави”, е пораката од инспекторот кој наместо да стане херој затоа што се судри со власта која практикува невладеење на правото стане предмет на прогон и може да ја загуби работата на 6 месеци пред пензија.