Историчар од ИНИ: ВМОРО биле Бугари, и бугарската армија го ослободила Скопје

Историчарот Драган Зајковски кој работи во Институтот за национална историја тврди дека и припадници на бугарската армија го ослободиле Скопје на крајот на втората светска војна.

“Една фотографија илјада – зборови. Две фотографии – рушење на сите лажни нарации и митови (посебно стереотипите кон соседите). Ова за оние кои препознаваат униформи и ликови на стари фотографии, а историјата ја сметаат за наука. Сепак во ослободувањето на Скопје не учествувале само партизаните”, пишува Зајков и приложува фотографии од која се гледаат партизани и бугарски војници како вкегуваат во Скопје.

Историчарот од ИНИ минатата недела порача дека најважните македонски преродбеници и револуционери чувствувале како Бугари:

“Изјавата на Каракачанов ги повампири старите нарации во Македонија. Можеби тоа му беше намерата. Војводата на современото бугарско ВМРО „долеа гориво во машината“ на истрошените наратори на македонските романтично-привлечни митови. До бегството на Груевски истите тие не убедуваа дека сме антички, дека немало доселување на Словени, дека Византија е продолжение на Империјата на Александар (демек е македонска држава)… Од сношти, пак, Каракачанов ги поттикна да се вратат на старите и „проверени“ толкувања на поимите Бугари, Арнаути, Власи, милет системи и сл.
„Бугарин“ во 19. век имало значење на „човек сиромав и прост кој што е христијанин“. Демек зборот грк значело богат и учен христијанин. Понатаму беседат дека „арнаутин значело човек селанец-сточар кој е номад“. Уау, просветление!!! А да кажеа нешто за значењето на поимот „Македонец“ во 19. век!

Имам дилема (а можеби и немам):

1.Ако под поимот „бугари“ се подразбираат сите сиромашни селани во 19. век, дали тоа значи дека „Зборникот“ на Миладинови треба да го читаме „Зборник на народни песни на сиромавите христијани во османлискиот рум-милет“.

2. Дали Миладинови, Прличев, Шапкарев, Пејчиновиќ и сите главни фаци на ВМОРО се самоперцепирале за сиромави и прости христијани? Или можеби се самоперцепирале за Бугари поради припадноста на бугарскиот милет (по 1870 г.)? Ама ако е така, тогаш повторно сум пред дилема: во времето на Миладинови и Пејчиновиќ немало бугарски милет (Егзархија), а тие самите се перцепираат така како што се перцепираат.

3. Дали, ВМОРО (БМОРК, ТМОРО) некогаш, било каде, или било кој нејзин идеолог или обичен член побарал формирање и признавање на македонски милет?!? Ајде овие „десниве“ да ги разберам, ама „левиве“ на Сандански, собрани во Народната федеративна партија (Бугарска секција) никогаш во османлискиот парламент не побараа признавање на македонски милет. Зошто?

Еее…, Каракачанов, а и моја драга македонска колешке: Историјата не може да ја вратиме назад, ниту пак смееме да останеме заглавени во 19. век. Ама затоа можеме и мораме да кажуваме точни нарации и да проектираме нормална иднина. Македонската нација и идентитет, формирани во Вардарска Македонија во периодот меѓу двете војни, а институционализирани на АСНОМ 1944 г., денес се историска реалност и секое нивно негирање е анахронизам. Исто како што и негирањето на заеднички споделена историја со Бугарија (и не само со Бугарија) е лажна и неточна нарација.

На Зајковски му одговори колешката историчарка Наташа Котлар на чие предходно пишување реагираше тој.

Седнале, некои историчарчиња да „везат“ за македонската историја, без да ги познаваат основните процеси на новиот век, а не можејќи да му оддолеат на своето пробугарство се „испотиле“ за да создадат своја нарација!

Затоа (за да им помогнам) ги потетувам на пишувањето на бугарскиот славист Александар Т. Балан кој во статијата: „ Една македонска теорија“(1904), пишува токму за актуелноста на народносното прашање во конкретното време (и во Кнежевството Бугарија).

Меѓу другото, тој вели: „Одамна ли беше до ослободувањето на Бугарите кога и по цела Бугарија се слушаа одговори на Бугарите на прашањето „што се“ (по народност), дека се „христијани“ или „раја“? Па не е голема реткост и сега уште да се чуе Бугарин како одговара во судот на прашањето за својата народност дека е „христијанин“. Нему поимот за народноста уште не му станал нова придобивка на разумот. Во турско време бугарскиот селанец ги означуваше Бугарите од градовите со зборот „Грк“, граѓанската носија за него беше „грчка носија“.

А бидејќи Грците го титулираат тој селанец за „дебелоглав Бугарин“ неговиот брат од градот љубеше да се наречува „Елин“, за да не трпи презир под своето вистинско национално име. Не ли е тоа сосем исто со она што го расправа г. Мисирков за називите на македонските Словени?

Името „Бугарин“ беше паднало и во Бугарија до степен што го допираше само туѓ презир. Во устата на самиот Бугарин тоа име толку се испразни од националната содржина, што стана синоним за „христијанин“, кое име ја беше опфатило целата содржина на бугарската индивидуална и општествена свест. Нашиот селанец кога ќе речеше „ние сме Бугари“, мислеше „ние сме христијани“, т.е. православни. Рускиот цар беше за него „бугарски цар“ не по народност, ами по православното христијанство“, го пренесува бугарскиот научник професорката Наташа Котлар како реакција на тезите на Зајков.

Фото: поглед.мк