Историски триумф на македонските ракометари во Исланд!

Исланд е најчестиот противник на машката ракометна репрезентација на Македонија во официјални натпревари, па вечерашната прва победа во гости од 34:33 е историска.

Данило Брестовац дебитираше на македонската клупа, а Дејан Манасков со гол во последната секунда, негов осми на средбата, ги искачи „црвено-жолтите“ на врвот на табелата во третата квалификациска група за Европско првенство 2020.

За тоа помогна и триумфот на Турција во Грција од 26:22, па Македонија на половина од квалификациите води со четири бода, колку што има и Исланд, а Турците и Грците се зад нив со по два.

Домаќинот подобро ја отвори средбата, поведе со 7:3, но до крајот на полувремето Македонија израмни на 17:17. Во вториот дел избраниците на Брестовац водеа и со 26:24, пред во финишот Исланд да има предност од 33:32, за во последната минута бодовите да ги однесе Македонија.

Клучниот момент беше исклучувањето на Магнусон поради фрлање на топката во аут откако ја загуби, за што гостите добија седмерец. Густавсон прво го одбрани ударот на Манасков, но тој одбиената топка ја смесги во неговата мрежа.

Георгиевски беше втор стрелец во македонскиот тим со седум гола, капитенот Лазаров постигна шест, а Талески пет.

Реваншот е в недела од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

SHARE

1 Коментар

Оставете Коментар