Историскиот наратив и националниот мит – пишува проф. Љоровски Вамваковски

Во последно време сведоци сме на мноштво публицистички текстови кои се обидуваат да ни ги објаснат, оправдаат или осудат, научно-историските комисии кои македонската држава се обврза да ги формира врз основа на договорите со Бугарија и Грција.

Несомнено проблеми постојат во сите балкански историографии, бидејќи тие во својата основа се национални. Оттука, во кратки црти ќе го претставиме проблемот перцепиран низ призмата на модерната науката, која може многу да ни помогне со цел да се разбере ова навидум несфатлива проблематика.

Националните историографии, кои во најголем дел почнале да се развиваат во текот на XIX век, во својата основа ја содржат концепцијата на нацијата како една од најзначајните категории, преку кои се конструирани претставите за просторот и идејата за времето.

Ваквиот процес не изостанал и во балканските историографии, кои биле создадени во текот на XIX и ХХ век со формирање на модерните нации-држави на Балканскиот Полуостров. Во неколку етапи, постепено, балканските историчари ја инкорпорирале националната нарација во своите историографии, која, покрај развојот на историската наука, во најголем дел била во насока на градењето на нацијата-држава и развојот на национализмот.

Имено, националната нарација ја дефинира припадноста на националниот колектив и ја отелотворува нацијата; ги обединува идентитетите во сферата на институциите и симболите; влијае, појаснува и обединува различни традиции, со што ја гради националната култура. Па така, изградбата на националниот наратив ја реконструира перцепцијата на времето, давајќи му ново значење и ја претставува нацијата како активен историчар, кој преку наративот стекнува нов историски идентитет.

Во Европа, каде што се појавила националната идеја, пишува францускиот социолог Доминика Шнапер, интелектуалците, особено историчарите, биле големите свештеници на националните и националистичките идеологии. Без да навлегуваме во теоретската расправа која постои денес во модерната наука за појавата, развојот и испреплетеноста на нацијата и националната идеологија, тука ќе се осврниме на влијанието на национализмот врз историската наука и улогата кој тој ја има во градењето на националните митови.

Во современата наука градењето на историската меморија, која наративот на националните историографии ја создаваат околу нацијата и национализмот, и покрај различните варијанти, се перцепира низ два спротиставени концепти. Па така, според грчкиот историчар Андонис Лиакос првиот концепт е оној на градетелите на нацијата и на поборниците на национализмот, при што нивниот заеднички именител е дека нацијата континуирано низ историјата постои и како истата треба да биде претставена пред современиот свет.

Вториот концепт е поврзан со денешните интерпретации на градењето на нацијата, односно дека таа е конструкација и продукт на модерното време. Од една страна, теориите поврзани со првата гледна точка (есенцијалистички теории) претставуваат дел од националата идеологија, особено за време на нејзиниот романтичен период.

Што се однесува до вториот концепт, т.е. конструктивистичките теории, тие потекнуваат од истражувањата за идеологијата и создавањето на идентитетите – теории што се развиле во последната четвртина на ХХ век.

Оттука, ако првиот пристап во историографијата конструира и продуцира национални митови и херои, тогаш вториот се обидуваа истите да ги деконструира.

Историскиот наратив кој што е под влијание на националната идеологија и државно-политичката реторика создава и/или измислува национално време на кое потоа му дава легитимност во националниот простор.

За вака поставената историска конструкција нацијата „патува“ низ времето во едно „историско пространство“, чии граници се сметаат за еластични и флексибилни. Оттука, ако во основата на националната идеологија е тезата за постоењето на безсмртната реалност на нацијата, тогаш националниот историски наратив е оној кој што треба да ја обликува меморијата на припадниците на нацијата за постоење временски (историски) континуитет.

Прашањето за историскиот континуитет стекнал суштинско значење во изградбата на националната историја. Градењето на перцепцијата за историското време не е еднократен чин, т.е. се врши чекор по чекор и е проследен со мноштво двоумења и противречности.

Процесот на градење на времето во суштина значи креирање на современ дискурс кој го повторува минатото и го претвара во национално време. Па така, преуредувањето на колективното чувство на времето е предуслов за изградба на нацијата, при што истовремено нацијата гради колективно чувство на времето. Врз основа на оваа идеја се гради почетниот мит за нацијата.

Од друга страна, материјалите на националниот мит се пребаруваат и наоѓаат во историјата, а основата треба да биде колку што е можно „поцврста“. Несомнено, историскиот национален наратив ја презема улогата на заштитник на „цврстината“ на историските факти, настани, личности и симболички вредности, кои се преобликувани врз основа на нивно селективно читање.

Ваквиот пристап на современите национални историографии често пати доведува до нивен меѓусебен конфликт во борбата за воспоставување монопол на националниот мит. Притоа, туѓиот мит може да биде доживеан како историска закана во однос на градењето алтернативна визија за минатото, понатаму, може да го загрозува националниот мит преку негова директна негација, се до перцепција на чувствување на загрозеност во однос на преземањето на вредностите на самиот мит.

Или, за да биде појасно, ние денес сме сведоци на судир на националните митови со соседните држави, нешто што е во основата на работата на овие научно-историски комисии.

проф. д-р Димитар Љоровски Вамваковски