Истражување на „Меѓаши“: Родителите со разлики за наставата, единствени за здравјето

Во периодот од 22.07.2020 година до 03.08.2020 година, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ спроведе квантитативно онлајн Истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година.

Цел на анализата е да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи сметаме дека е клучно истите да бидат земени предвид при носење било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември, 2020 година.

Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите/старателите имаат различни ставови по прашањето за каков тип на настава се од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата. На сите, без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана…најважно им е децата да се здрави и сигурни.

Истражувањето беше реализирано врз основа на Анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, преку интернет, во периодот од 22.07.2020 до 03.08.2020, и истата го опфати мислењето на 1003 испитаници.Примерокот во истражувањето опфаќа доминантно поголем бројот на испитанички (80%) во однос на испитаници (20%) вклучени во истражувањето. Ставот и перцепциите на речиси половина (47,3% ) од испитаниците е дека досегашната онлајн или наставата од далечина делумно ги задоволила потребите на учениците.

• За доста висок процент на испитаници – 43,6% овој метод на настава воопшто не ги задоволил потребите на учениците. За само 9,2% од испитаниците, онлајн т.е. наставата од далечина во целост ги задоволила потребите на учениците.

Високи 57.6% од испитаниците забележуваат негативни промени кај своите деца како последица од онлјан наставата; речиси една третина или 31,4% не забележуваат никаква промена кај своите деца (ниту позитивна ниту негативна), а само 11% од испитаниците изразиле перцепција и став дека забележуваат позитивни промени кај своите деца.

• Родителите/старателите на децата кои работат во приватен сектор и кои забележуваат негативни промени кај нивните деца се застапени со највисок процент од 65,10% од примерокот; по нив следат родителите/старателите вработени во јавниот сектор со 57,9%.

Најголем дел од испитаниците или 58,2% сметаат дека нивните деца преку онлајн наставата се стекнале со подобри оцени, но со помалку знаења.

Речиси две третини или 64,3% од испитаниците имаат соодветни просторни технички услови за следење на онлајн настава; 28,7% од испитаниците се изјасниле дека делумно располагаат со соодветни просторни и технички услови за следење на онлајн наставата.
Иако во мал процент, како наод е важно да споменеме дека онлајн наставата е перцепирана како особен предизвик за децата со пречки во развојот.

Најбезбеден услов дека децата нема да бидат изложени на зараза, за 50,8% од испитаниците е „Онлајн – настава, доколку Владата забрани одржување настава во училиштата поради зголемен број на заразени“. „Комбинирана настава од онлајн – настава и настава во училиште со намален број присутни ученици и со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ е најчесто второ рангиран услов и тоа од 44,7% од испитаниците, а најчесто како треторангиран услов е условот „настава во училиште за сите деца распределени во помали групи, кои ќе одат во смени со сите запазени протоколи за безбедност во училиштата“ и тоа од 35,3% од испитаниците.

Повеќе од две третини од родителите/старателите (68,7% од испитаниците) прифаќаат т.е. би избрале паралелен пристап-комбинирана настава со физичко присуство и онлајн-настава, а речиси една третина или 31,3% не би го избрале овој методт како опција за учење на нивните деца.

Нешто повеќе од една половина од испитаниците (52,4%) би потпишале согласност нивното дете/деца да одат на училиште секој ден што за многумина е лголемо изненадување.

Повисок е степенот за потпишување согласност за секојдневно присуство на нивните деца на настава во училиштатат, на родителите/старателите кои се невработени (56,3) и вработени во приватниот сектор (56%).

Линк до целото истражување на Меѓаши

http://childrensembassy.org.mk/

SHARE