Иванов пред папата Франциск: Македонската држава е тешко ранета

????????????????????????????????????

„Република Македонија“, „Македонец“, „македонско општество“, „македонски модел на соживот“ во вокабуларот на претседателот Ѓорге Иванов, наспроти обидите на власта да ја промовира „Северна“ во секоја пригода, го обележаа неговото обраќање пред папата Франциск, во кое констатира дека „македонската држава е тешко ранета“.

„Ваша Светостмојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. Mорам да Ви признам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ. Би можел да се осврнам на мисијата на Св. Апостол Павле во Македонија што го отвори патот за христијанството во Европа. Или, пак за мисијата на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски кои придонесоа за културното и духовно издигнување на словенските народи. Би можел да го истакнам шествековното мирно искуство со исламот што позитивно го оформи македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Да не заборавиме дека најпознатата ќерка на овој соживот стана мајка на 20 век – Св. Мајка Тереза.

Искушението да зборувам за славното минато е големо. Но, верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера.

Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но, за тоа е потребна личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, Евреи или атеисти, токму во Вашата Светост гледаат таква личност. Многу млади лидери од мојата лидерска школа Ве посочуваат како лидер што најмногу ги инспирира.

Затоа, симболично, како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“, рече Иванов пред папата Франциск.

SHARE

Оставете коментар