На заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан вчера, премиерот Зоран Заев најави дека „ќе треба да се преземе одговорност“, доколку не се исполни ветеното.
„Во такви околности секако ќе треба да се преземе одговорност. Јас го кажувам тоа што го чувствувам, јас бев тој што разговарав со пратениците и ги убедував дека е вредно дури да ги смениме нашиот Устав и нашето уставно име за нашата иднина во ЕУ и европското семејство. И ние тоа и го направивме“, рече Заев.

Претходно од Виена, како и во изјава за агенцијата „Танјуг“, Заев порача дека негативниот став од Брисел ќе значи дека „неговата влада наскоро ќе биде мртва“, иако дополни дека земјата нема да се откаже од патот кон ЕУ.
„Ќе дојдат некои други и ќе го продолжат тој пат“, вели Заев.

Владини извори за Дојче веле појаснуваат дека изјавите не се најава за негова оставка од функцијата, доколку земјата не добие зелено светло.
„Не значат најава за оставка, туку потврда дека не бега од одговорност“, велат владини извори кои инсистираа на анонимност.
И во однос на стабилноста на владата, истиот извор објаснува дека изјавата значи оти ќе се намали актуелното мнозинство во Собранието.
Заев од Брисел практично апелираше до скаптичните земји и лидери да ја прифатат земјата.
„Не ги гасете европските ѕвезди за нас, не станувајте пречка за нас“, рече тој, додавајќи дека доколку „се изгаснат светлечките ѕвезди ќе се изгубиме во темнината”.

Извор: ДВ

SHARE