Јачева-Улчар: Не се ни обидоа да ни го земат името, сами им го дадовме!

Елка Јачева-Улчар, научен соработник во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје, преку својот профил на „Фејсбук“ му се обраќа на Блаже Конески, кој при крајот на животот ги предупреди Македонците дека „големо ни е името, ќе се обидат да ни го земат“.

„НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Учителу драг, не се ни обидоа да ни го земат – сами им го дадовме! Името! Да, тоа славното што не го даваа таквите како Вас, Анте, Гане… ама откога ве нема „тешка несреќа ги збра и мажите и жените“ и овде „тажи тажна ека и навева сал коб и зла“!
И во уште нешто се излажавте, учителу: Ни пченицата наша триж плодна е, ни животот наш! Ни старци има да излезат, еве, сал „момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек“, ама во амбис!

Само за едно имавте право: синџир СМЕ на робја и гриземе усни, стегаме срце клето да не пушти вик! Од болка! А болката кога свети – тешко, тешко, тешко клети!“, напиша Јачева-Улчар.