Јанева, Боки и Кичеец утре на суд за „Рекет“


Првото рочиште за случајот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец треба да се одржи утре во Кривичниот суд во Скопје.

Јанева и Милевски – Кичеец, во моментов се во домашен притвор додека првообвинетиот Бојан Јовановски кој беше хоспитализиран  во Градската општа болница „8-ми Септември“ во текот на вчерашниот ден е вратен во КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава  поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

Јовановскки е осомничен дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. 

Второобвинетата и поранешна шефица на СЈО, Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

SHARE