Словенечката Нова 24ТВ се осврна на наградата за „најдобра обвинителка на Балканот“ што Катица Јанева ја доби пред две години од Институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, наводно, поврзан со радикални исламисти.

„Притворената озлогласена македонска обвинителка Катица Јанева во Словенија доби награда за ‘најдобра’ на Балканот – ѝ ја додели сомнителниот институт ИФИМЕС на Зијад Бечировиќ, кој обилно го финансираме ние даночните обврзници, а полицијата го поврзува со радикални исламисти“, констатира Нова ТВ24 уште во поднасловот од написот на својот портал.

„Според босанскиот весник ‘Аваз’, Бечировиќ е под будното око на полицијата во Словенија поради наводните тесни врски со радикални исламски кругови на Блиски Исток. Сомнително е како и со чии пари се финансира Институтот основан во 2002 година, а нема никаква научна референца“, се додава во текстот во кој е посветено големо внимание на признанието за Јанева.

„Во ноември 2017 година ИФИМЕС ѝ додели високо признание за ‘најдобар главен обвинител на Балканот’ на шефицата на Специјално јавно обвинителство на Република Македонија, Катица Јанева. Тогаш Јанева, со громогласен аплауз од гостите, потенцираше, меѓу другото, дека признанието им припаѓа на сите нив, како и на граѓаните на Македонија, кои започнале демократски промени со цел да ја вратат довербата на граѓаните во владеењето на правото. Таа му објави војна на нелегалното прислушување.
На присутните им се обрати и поранешниот европратеник Јелко Кацин, нагласувајќи ја важноста на обвинителствата за помирувањето по балканските војни и за градењето и зајакнувањето на институциите кои се предуслов за успешна транзиција и евроатлантска интеграција. Кацин, поранешен висок функционер на пропаднатата ЛДС, е само еден од многуте словенечки политичари кои на овој или друг начин се вмешаа во македонските внатрешни работи и во времето на тамошната десничарска влада се обидоа да ги уништат владеењето на правото и мирот. Во прв ред за тоа се погрижија големите пријатели на Зоран Заев, словенечките социјалдемократи предводени од Тања Фајон, како и Иво Вајгл и Самуел Жбогар“, се вели во написот.

„Целта беше да се уништи македонската десница, да се формира социјалистичко-левичарска влада, која кратко време по доаѓањето на власт се откажа од својот суверенитет, па дури и го смени името на земјата. Катица Јанева, ова е јасно од последните откритија, со помош на вакви квази награди од квази институти доби зелено светло за пресметка со Никола Груевски и со партијата ВМРО-ДПМНЕ, за да не се врати на власт“, заклучува словенечката Нова 24ТВ.

SHARE