Јанез се јави, шу праиме сеа? – Пишува Роберт Димитриевски

„Ако козата лаже, рогот не лаже“ – народна поговорка

Добро, бе, мајка му стара, мора ли буквално сè во оваа земја да се сведе на политика? Среде пандемија на коронавирус, која коси и во Македонија, ние се објаснуваме кој обезбедил медицинска помош, а кој лаже за тоа, па мораше да се јави лично словенечкиот премиер Јанез Јанша. И, да ги попари овдешните провладини мегафони со јавната потврда дека авионот со заштитни маски и ракавици за Министерството за внатрешни работи на пријателската земја го испратил по повикот од лидерот на македонската опозиција.

И што сега? Наместо некој од Владата во Скопје да упати јавна благодарност до официјална Љубљана за несебичната поддршка во време кога и најмоќните држави и демек сојузници си крадат респиратори едни на други, нејзините медиумски гавази се фатија да докажуваат дека Христијан Мицкоски лаже. Шефот на дипломатијата Никола Димитров најде време за уште еднаш да ја нареди „нашата земја“ рамо до рамо со САД за Венецуела (?) и „нема“ време за Јанша, а има за еден друг Словенец, Самуел Жбогар, и неговиот потпис за итната помош од Европската унија од четири милиони евра?!

Не е белки проблемот идеолошки, па ако Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша не е сестринска со СДСМ, туку со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш помош по таа линија не ни треба?! Ако е така, им брани ли некој на социјалдемократите или на нивните коалициски партнери (ДУИ, на пример) да обезбедат медицинска помош од лидери на сродни партии, премиери или претседатели од други држави? Ем ќе придонесат во битката со невидливиот, а опасен непријател, ем манифестираната одговорност за здравјето на заедницата сега ќе ја ефектуираат на наредните избори, кога и да се одржат.

Но, не избраа така овие што до скоро нè убедуваа дека блескаме, за по две-три недели од кризава да проектираат кратер од две милијарди евра во буџетот. Или сметаат дека совршено „танцуваат“ со Ковид-19, па помош однадвор не (им) е потребна, или се неспособни да донесат. Трето нема.

Додека во соседството секојдневно слетуваат авиони со помош од Кина и од Русија, тука, да не беа словенечката и кинеската донација пред неа, човек би помислил дека Македонија нема ниту еден пријател. Како и да ги има, кога им воведува санкции, како на Турција, и тоа додека ја чека норвешката донација од 25 машини за механичка вентилација заглавена таму?!

Жална Македонија! Место невидената ароганција, дочекувањето на нож на секое укажување отстрана и приказните за некакви „чекичи“ и „танцови“, самозаљубените од власта и тие околу нив можеа барем малку да – читаат. И да извлечат поука од реформаторот и творец на кинеското економско чудо Денг Сјаопинг и неговата максима: „Не е важно дали е мачката црна или бела, важно е да фаќа глувци“.

SHARE