Јанушев: Можен фалсификат на референдумот, граѓаните да го спречат

Се’ погласни се шпекулациите дека СДСМ е подготвена да се дрзне и на фалсификат на самиот референдум, предупреди од собирот во Велес Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„Искрено се надевам дека граѓаните нема да го дозволат тоа. И ние како политичка партија ќе застанеме на правата страна и нема да дозволиме какво било понатамошно урнисување на државата“,порача тој.

Јанушев најави уште еден опозициски протестен марш пред одржувањето на референдумот на 30 септември. Местото на одржување, како што рече, дополнително ќе биде соопштено. Тој уште еднаш ја објасни позицијата на неговата партија во однос на референдумот.

„Партијата не донесе став за бојкот. Партијата се реши за најдемократскиот и најслободоумниот начин на изразување на граѓаните. Ова е над сите политички партии во Македонија, над кој било поединец и задира во чувството на сите нас како Македонци и дека македонскиот народ и покрај тоа што има многу пропатено во изминатиот период, особено последниве година и пол, е доволно свесен и паметен и знае како да одлучи на самиот ден на референдумот,“ изјави Јанушев.