Државниот обвинител погрешил, шеф на СЈО се бира само со “Lex specialis”

Шефот на Собраниската Комисијата за избори и именувања Илија Димовски го демантира државниот Јавен Обвинител Јовески кој вчера кажа дека изборот на нов Специјален обвинител на местото на Катица Јанев ќе се бира според законот за регуларното обвинителство.

Специјален обвинител може да се бира само согласно специјалниот закон за СЈО, вели Димовски.

“И изборот (член 3) и разрешувањето (член 18) на СЈО е регулирано со специјалниот закон и не може и не смее да се применува друг закон.

Постапката е строга, зошто и институцијата е значајна.

Во двете постапки (и избор и назначување) Собрание на Република Македонија и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката.

Советот на Јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието , претходно утврден од Комисијата за избори и именувања , а изгласан со двотретинско и бадинтерово мнозинство.

Советот и на Јавни обвинители во постапката за разрешување може да постапува само како предлагач, односно да достави Извештај до Собранието за утврдено незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата СЈО. Конечната одлука во оваа постапка ја носи Собранието на Република Македонија.

Се друго е надвор од законите”, пишува Димовски кој го отфрла обидот на Јовески правно да го премости јазот настанат со апсењето на Катица Јанева.

SHARE