„Je suis Тони Стојановски“ – Пишува Роберт Димитриевски

Да не знае човек дали да ги жали или да им се смее. Додека целата нација слави историски пласман на фудбалската репрезентација на Македонија на Европското првенство, тие се занимаваат со коментаторот на Македонската телевизија. Го „почестија“ Тони Стојановски со еден куп навреди за кажаното по последниот свиреж на англискиот судија Тејлор во Тбилиси, па дури се дрзнаа и да бараат отказ за него?!

Колку треба да си мизерен, несреќен, нереализиран, мазохист, па наместо да ја споделиш најголемата спортска радост во самостојна Македонија, да му наоѓаш маани на новинар што од срце го зборува тоа што го мисли огромното мнозинство од народот? Коментатор што во патриотски вознес го канализира сиот гнев од севозможните условувања, понижувања, негирања и присвојувања преку катарзата од спортскиот подвиг за паметење и прераскажување на идните генерации. Човек што низ етерот ја распосла македонската душа, македонскиот бит, македонскиот крик за барем малку почит и признание во овој бездушен, дволичен, себичен свет, во кој дури и елементарната човечност станува вест на денот.

Толку ли е тешко, бе, човечиња, да се сакаш себеси, својот народ, своите сограѓани, својата татковина и барем еднаш да се израдуваш на нејзин успех, посебно ако за него се чекало безмалку три децении? Толку ли е невозможно при тоа да се манифестираат емоции, како Тони, а не севезден да се бара влакно во јајцето, некаква вина само и исклучиво кај себе и упорно да не се гледа шумата од дрвото пред сопствените очи? Постојано да се критикува и омаловажува своето, а во исто време да се глорификува туѓото, дури и кога твојата земја е единствениот претставник на еврошампионат од соседството.

Стојановски мешал политика и спорт? Ајдеее! Од кога тоа спортот, посебно екипниот на ниво на нации, не е и политика? Ако стануваше збор само за обична физичка активност, зошто тогаш се интонираат химни, на јарболи се поставуваат државни знамиња, навивачи го скандираат името на својата земја и цели држави ги зафаќа еуфорија или депресија зависно од резултатот? За фудбалот се објавувале и војни, како во случајот со Хондурас и Ел Салвадор, па не залудно го носи епитетот најважна споредна работа на светот.

Тони бил „фашист и вмровски имбецил“? Бре, бре, бре. Кого навреди или негираше со коментарот? Кому му го оспори или омаловажи идентитетот? И од кога тоа патриотизмот имплицира партиска конекција? Ако си ја сакаш земјата и ако се радуваш за неа, нужно мора да си вмровец, па уште и имбецил?!

Како да се наречат тогаш „генијалциве“ што ги отстрануваа од социјалните мрежи снимките со коментарот на „гласникот“ на народниот став и расположение? Предизвикаа само контраефект. Реакциите зборуваат за несразмерно повеќе поддржувачи на спортскиот коментатор на МТВ, кои би застанале зад паролата „Јас сум Тони Стојановски“.

SHARE