Змаго Јелинчич Племенити, пратеник и лидер на Словенечка национална странка (СНС), оценува дека заминувањето на Зоран Заев од премиерската функција е најдоброто нешто што можело да ѝ се случи на Македонија.

Во обраќањето до јавноста преку вебстраницата на партијата, кое го пренесуваме во сцелост, тој детално ја објаснува штетата што според него Заев ѝ ја нанесе на Македонија во двеиполгодишното премиерување.

„Со оставката на Зоран Заев, формирањето техничка влада и подготовките за предвремени избори, Македонците имаат идеална можност да погледнат назад во владеењето на овој тиранин што зад себе остави пустош. Такво нешто можат да направат само социјалдемократите и нивните приврзаници. За жал, долги години ја следиме истата приказна во Словенија, со таа разлика што тука не подлегнавме на нивниот самоуништувачки интерес и на продажбата на словенечката историја и нација“, вели Јелинчич во написот насловен „Поговорка од југот на некогашната заедничка држава: ‘Ветување за лудиот радување’ или како ЕУ и Грција со помош на Заев ги зафркнаа Македонците“.

„Македонија е земја со историја од неколку илјади години. Македонскиот народ е од памтивек. Правото на самоопределување е основно човеково право кое не може да ѝ биде одземено на ниту една нација. Иако дадоа сè од себе, не успеаја да ги уништат Македонците. Познавам многу Македонци. Тие се чесни и горди луѓе. Не мислам на ‘северните’ предавници, кои пред три години со помош на милионите на Сорос и на американската администрација ја презедоа власта, ја окупираа земјата и ја продадоа за пари. Не, мислам на вистинските македонски херои – новинари, правни експерти, активисти… кои, и покрај заплашувањата, прогоните и угнетувањата, не попуштија, туку храбро и гордо застанаа во одбрана на своите права“, продолжува претседателот на партијата што го кандидира македонскиот активист Андреј Дочински на ланските избори за Европски парламент.

„За три години на Заев му успеа речиси да ја уништи Македонија со помош на соросовите милиони, на американската администрација и на европските бирократи од Европската комисија. Со потписот на Договорот од Преспа, Заев се откажа од сè македонско. Со потписот на ‘пријателскиот’ договор со Бугарија, тој се откажа од идентитетот и од историјата на македонскиот народ, а со усвојувањето на законот за двојазичност сакаше да му даде на албанското малцинство, кое е помалку од 20 проценти, право на уставотворен народ, да ја федерализира земјата и да ја направи двојазична во замена за албанската политичка поддршка. Заедничко за сите овие акти е дека се донесени нелегитимно, незаконски и противуставно. Ве прашувам, каков изрод на својата нација е способен да направи вакво нешто? Расипан, поткуплив, измамник и крајно наивен“, констатира Јелинчич.

„Во замена за сите одрекувања и отстапки, Заев не придоби ниту една единствена корист за својот народ. Напротив, го понижи до крајност. Цело време се вадеше дека тоа го сторил заради членство во НАТО и за отпочнување пристапни преговори со ЕУ, за луѓето потоа да живеат подобро. Иако Македонија е на прагот на членството во НАТО, од примерите со Албанија и со Црна Гора не гледам никаква промена на подобро со влезот во таа злосторничка организација! Што се однесува до почетокот на преговорите со ЕУ, пак, го приземји никој друг туку неговиот ‘пријател’ Емануел Макрон, кој му одржа школска лекција како се постапува со предавници. Така е, никој не сака предавници!“, додава Племенити.

„Сите наведени договори Заев ги прифати без поддршка од опозицијата. За волја на вистината, не ни побара поддршка. Легитимитет за промена на името на државата и за поддршка на Преспански договор не доби на референдумот, бидејќи повеќето гласачи го бојкотираа и затоа референдумот пропадна. Промената на Уставот ја спроведе со поткуп и со заплашување на пратениците од опозицијата, што беше побарано дури и од самиот поранешен еврокомесар Јоханес Хан, кој го советуваше да биде креативен во убедувањето. Како прилично креативни во угнетувањето на сопствениот народ, во уценувањето на успешните бизнисмени и други кривични дела се покажаа речиси сите балкански ‘птички’“, вели првиот човек на партијата со четири пратеници во словенечкиот парламент пред да дојде до поентата.

„Оставката на Зоран Заев е нешто најдобро што можеше да ѝ се случи на Македонија. Уште подобро би било ако Заев и неговата криминална банда драстично бидат поразени на претстојните избори. Всушност, тоа ќе биде избор против Заев, избори за враќање на достоинството на македонскиот народ. Од победниците на тие избори македонскиот народ очекува враќање на првичното име на земјата – Република Македонија, укинување на неуставните договори со Грците и со Бугарите, како и на законот за двојазичност со кој ги понижи Македонците во сопствената земја, а исто така очекува обвиненија против Заев и колегите за предавство. Ако победниците на изборите не го сторат тоа, ќе го навлечат гневот на електоратот, ќе ја втурнат државата во анархија и во времињата кога револуционерната борба на Македонците докажа за каков горд народ станува збор“, заклучува Јелинчич.

SHARE